Се укинуваат ли правилата за течности и давачките за багаж во ЕУ? Не така скоро

Планирате да одите на одмор во некоја земја на ЕУ, но стравувате дека ќе ви снема сапун и шампон оти аеродромот од кој поаѓате има застарено правило за не повеќе од 100 милилитри течности во рачниот багаж? Или дека за вашиот рачен багаж ќе ви наплатат дополнително?
Добрата вест е дека аеродромите низ ЕУ наскоро ќе смеат да го укинат правилото, непопуларно со години, со кое се ограничуваат течностите во рачниот багаж.
И покрај тоа, рачниот багаж останува спорна тема, со оглед што законодавците на ЕУ инсистираат да им се забрани на авиокомпаниите да наплаќаат за рачен багаж – одлука на која силно ѝ се спротивставува воздухопловниот сектор.
Но прво да се навратиме на течностите. Во мигов, патниците не смеат со себе да носат течности во шишенца поголеми од 100 милилитри, а шишенцата треба да се стават во проѕирна кесичка со пластичен патент, која смее вкупно да содржи до 1 литар течности.
Ова правило се воведе во 2006 г. откако властите спречија планиран терористички напад со течни експлозиви прошверцувани на еден авион на аеродромот Лондон-Хитроу.
Ѝ требаа речиси 20 години, но ЕУ неодамна одобри скенери што со сигурност детектираат течни експлозиви, со што се овозможува да се укинат долгогодишните ограничувања.
Една гласноговорничка на Европската комисија изјави дека со помош на новите скенери со компјутерска томографија, слични на тие што се користат за медицински снимки, може со сигурност да се откријат заканите и да им се дозволи на патниците да носат поголеми шишиња, ако се докаже дека течностите се безбедни. Сега зависи од секој поединечен аеродром дали ќе ја усвои технологијата, додаде таа.
Според Комисијата, околу 700 скенери што го користат новиот софтвер во мигов се во употреба или се инсталираат во 21 земја од ЕУ. Според медиумите, има аеродроми во Германија, Холандија, Италија, Шпанија и Ирска што веќе ги употребуваат.
Не се надградува преку ноќ
Неколку аеродроми во ЕУ уште во јули 2024 г. го олабавија ограничувањето за течности, откако ги инсталираа новите компјутерски томографи што можат брзо да нацртаат тродимензионална слика од содржината на куферот.
Но, претставниците на ЕУ изразија сомнежи околу квалитетот на новите скенери за багаж. На пример, во Германија, германската федерална полиција и операторот на аеродромот во Франкфурт, Фрапорт, вперија прст кон претстојната промена на правилата.
Затоа, Европската комисија повторно воведе „привремено“ ограничување при проверката на течности „на одредени аеродроми на ЕУ“ како превентивна мерка од 1 септември 2024 г., иако малку порелаксирано – течностите, ако се во проѕирна кесичка, смеат да се носат во рачниот багаж.
Официјалното одобрување на новите скенери од страна на ЕУ сега им овозможува на аеродромите да почнат да ги користат при безбедносните проверки. Сепак, нивното воведување ќе потрае поради застарената опрема и техничките пречки.
Гласноговорничката на Здружението на аеродроми во Германија изјави дека целосното воведување низ државата е сложено и скапо, оти бара не само нова опрема туку и структурни измени поради поголемиот обем на машините.
На франкфуртскиот аеродром – најпрометниот во Германија – 40 од околу 190 безбедносни ленти се опремени со нов систем, а нарачани се уште 40 такви, изјави гласноговорничката. Сепак, за патниците сè уште важи ограничувањето од 100 милилитри бидејќи не се знае кој скенер ќе ги проверува нивните куфери – а и некои од новите уреди сè уште го немаат потребниот софтвер.
Слично е и со минхенскиот аеродром, каде што надградбата на софтверот е одложена до крајот на летната туристичка сезона.
На главниот меѓународен аеродром во Словенија, аеродромот Љубљана Јоже Пучник, германскиот оператор Фрапорт ја ажурира рендгенската опрема за проверка на рачен багаж кога отвори нов терминал во 2021 г. Таму веќе се користи напредна технологија согласно најновиот стандард EDS 3.1 за проверка на чекиран багаж, која прави тродимензионална анализа на содржината на багажот и може да открие експлозиви.
„Што се однесува до рачниот багаж, во мигов сè уште ги разгледуваме сите аспекти: придобивките, трошоците, потребниот простор и влијанието врз севкупните безбедносни проверки. Ова е голема инвестиција, која опфаќа не само купување опрема туку и приспособување на инфраструктурата и организацијата на терминалот“, соопшти компанијата.
Во Шпанија, нов компјутерски томографски скенер веќе е во употреба на аеродромот Палма де Мајорка, а вакви скенери се инсталираат и на аеродромот Адолфо Суарез Мадрид-Барахас и аеродромот Хозеп Тараделас Барселона-Ел Прат, каде што се користат на некои ленти за безбедносна проверка.
Во Романија, ажурирањето на софтверот за да се исполнат условите за укинување на ограничувањата на аеродромите е речиси готовo. Меѓународни летови има од дванаесет аеродроми во Романија.
Државното претпријатие Букурешки аеродроми ја информира Агерпрес оти укинувањето на ограничувањата зависи од завршувањето на инсталацијата и пуштањето во употреба на целата опрема. Според распоредот на проектот, ова треба да се случи најдоцна во првото тромесечје од 2026 г.
Романската разузнавачка служба, која врши безбедносни проверки на сите аеродроми во Романија, во јули соопшти дека укинувањето на ограничувањата за течности во рачниот багаж ќе биде можно само на аеродромите во Романија што целосно ја ажурирале и службено ја потврдиле сигурноста на опремата.
Борбата за „бесплатен“ рачен багаж
Второ спорно прашање во врска со воздушниот сообраќај е издатокот за рачен багаж. Билетите од нискобуџетните авиопревозници вклучуваат само еден мал предмет во авионската кабина – како ранец или чанта за лаптоп – и наплаќаат дополнително за друг рачен багаж. Оваа практика организациите за заштита на правата на потрошувачите ја сметаат за незаконска.
Во мај, околу петнаесет европски здруженија побараа од Европската комисија да отвори истрага на ниво на ЕУ во врска со наплатувањето за рачен багаж од страна на седум нискобуџетни авиокомпании.
Француското здружение на потрошувачи наречено Потрошувачка, домување и животна средина јавно ги обвини Изиџет, Норвиџан, Рајанер, Трансавија, Волотеа, Вуелинг и Визер дека „им наметнуваат прекумерни трошоци на потрошувачите“.
„Европскиот суд на правдата во 2014 г. пресуди дека транспортот на рачен багаж не може да биде предмет на дополнителен надомест, ако исполнува разумни услови во однос на тежината, димензиите и безбедносните правила“, нагласи здружението.
И покрај тоа, колективот здруженија вели дека седумве авиокомпании наплаќаат давачки за рачен багаж со разумна големина, коишто тие го сметаат за „голем“: 36 евра за Рајанер, речиси 43 евра за Изиџет и до 280 евра за Вуелинг, ако не се совпаѓа со димензиите пропишани од авиокомпанијата.
Во јуни, транспортната комисија на Европскиот парламент усвои предлог што ќе им овозможи на патниците да внесат еден личен предмет во кабината, како чанта или ранец, плус рачен багаж до 7 килограми без дополнителен надомест.
Меркава, која ќе се применува на сите летови што полетуваат или слетуваат во 27-те земји членки на ЕУ, беше усвоена како дел од предложениот од Европската комисија пакет амандмани на регулативата за патнички права.
Индустриското здружение Авиокомпании за Европа го осуди предлогот, велејќи дека ќе резултира со повисоки цени на летовите и ќе им ги зголеми трошоците на патниците без багаж.
Исто во јуни, еден шпански суд соопшти дека привремено ги одложил високите казни што левичарската влада им ги изрече на нискобуџетните авиокомпании Рајанер и Норвиџан. Министерството за заштита на потрошувачите имаше најавено казни за пет компании во ноември за наводни „практики на злоупотреба“, меѓу кои наплата за рачен багаж, давање неточни информации и нетранспарентност на цените.
Ирскиот нискобуџетен авиопревозник Рајанер конкретно беше казнет за наплатувањето „несразмерен износ“ за печатење авионски билети на терминалите за тие патници што не си ги отпечатиле дома. Беа казнети и британскиот нискобуџетен авиопревозник Изиџет и шпанските авиокомпании Волотеа и Вуелинг.
Предлогот на Комисијата за транспорт на Европскиот парламент за рачен багаж сега оди на гласање пред сите европратеници. Предлог-измените ќе бидат предмет на преговори меѓу земјите-членки, кои ќе треба да ги одобрат пред правилата да можат да стапат во сила.
Ова значи дека патниците ќе мора малку да почекаат ако се надеваат да си понесат шишиња локално вино или маслиново масло спакувани во бесплатниот рачен багаж. (ЕНР – Брисел)