Вучиќ му го покажа Белград на Трамп Јуниор од терасата на Претседателството, но не и студентите што бојкотираат


Српскиот претседател Александар Вучиќ се сретна со Доналд Трамп помладиот, син на американскиот претседател Доналд Трамп, во Белград и му ја покажа глетката од терасата на Претседателството.

– На Доналд Трамп помладиот му го покажав погледот на нашиот прекрасен Белград од терасата на Претседателството на Република Србија. Среќен сум што нашиот драг гостин можеше да почувствува дел од енергијата и да го види нашиот главен град кој ги спојува минатото и иднината, традицијата и иновациите – напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил.

Но, тешко дека од таа тераса се гледа огромниот протест на студентите кои 22 часа ќе ја блокираат зградата на државната радио-телевизија. 

Студентите од синоќа околу 23 часот и 30 минути ги блокираат зградите на Радио-телевизија на Србија (РТС) на улицата „Таковска“ и на Радио-телевизија Војводина во Нови Сад, каде има бројна полиција.

Непосредна причина за блокадата беше изјавата на новинарка на РТС кој во разговор со претседателот на Србија ги нарече студентите „орда“. Пред зградата на РТС во центарот на Белград синоќа се случи инцидент кога жандармеријата проби човечки ѕид од студенти кои ги блокираа влезовите на јавниот сервис.

Новинарот Дане Илиќ утринава одби да ги уредува и води Утринските вести на Радио телевизија Србија, откако студентите ја блокираа зградата на РТС.

Како што јави агенцијата ФоНет, Илиќ исто така одбил да влезе во зградата на јавната телевизија под придружба и преку помалку познати премини. На претпоставените им порача „да ги стават оние што ја собираат публиката пред камерите“.

Вучиќ со Трамп Јуниор за економските односи Србија – САД

Вучиќ вели дека средбата поминала во срдечна и пријателска атмосфера.

„Срдечен разговор со Доналд Трамп Јуниор, син на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, за билатералните односи меѓу Србија и САД и актуелните теми кои ја обликуваат глобалната политичка и економска сцена“, напиша Вучиќ.

Претседателот на Србија истакна дека посебна тема на средбата биле економските односи меѓу Србија и САД.

– Ја истакнав важноста на економските и политичките односи меѓу Србија и САД и ја истакнав важноста на стратешката соработка меѓу двете земји и заедничките проекти во наредните години. Оваа средба ја симболизира посветеноста за зајакнување на билатералните односи и заедничката работа за решавање на глобалните предизвици – рече Вучиќ.