Се собраа 200 милиони евра за пречистителната станица во Скопје, изградбата никако да почне

Заокружена финансиската рамка за изградба на пречистителната станица во Скопје која треба да прочистува води од 500.000 жители


 

Денеска се потпиша договор меѓу Македонија и Европската инвестициона банка за 70 милиони евра грант за изградба на пречистителната станица во Скопје. Со ова, за пречистителната станица во Скопје обезбедени се повеќе од 200 милиони евра, а таа стои неизградена затоа што Град Скопје, никако не може да избере изведувач и надзор на градежните работи.

Пречистителната станица беше предмет на големи контроверзи, откако лани во октомври, скопската градоначалничка Данела Арсовска обвини дека функционери на ВМРО-ДПМНЕ биле вмешани во малверзации со тендерот за изградба. Следуваа разрешувања на директори и други функционери, смени во комисијата која треба да одлучи кој ќе ја гради пречистелната станица, а тоа беше почеток на „расколот“ меѓу Арсовска и партијата ВМРО-ДПМНЕ што ѝ помогна да биде избрана.

Данела Арсовска и Фатмир Бесими на потпишувањето на договорот за грант за пречистителната станица Скопје – (Фото: Б. Грданоски)

Ако сакаме квалитетот на живот да биде тука кај нас, Европа дома, тогаш треба да спроведуваме вакви проекти, порача министерот за финансии Фатмир Бесими, при денешното потпишување на договорт за грант.

„Се работи за дополнување на заемите од нашите парнери како ЕИБ, кои нѐ поддржуваат во финансирањето на овој проект. Денес, на тој износ – 68 милиони од ЕИБ и 58 милиони од ЕБОР и 10 милиони грант – имаме дополнителни 70 милиони грант. Овој грант доаѓа во момент кога финансиските пазари се значително скапи. Овие средства значат дека ниту треба да се задолжиме, ниту треба да плаќаме камата, ниту да ги вратиме“, рече Бесими.

Парите се обезбедени, а претстои долгогодишна работа, за проектот да се реализира, смета министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.

Каја Шукова – министер за животна средина и просторно планирање – (Фото. Б. Грданоски)

„Сега, откако ја имаме заокружено финансиската рамка, остануваат заедничките обврски со нашите партнери, во случајот Град Скопје, секако и Општина Гази Баба во делот на завршување на процесот на експропријација, како и дооформување на урбанистичко-планската документација и секако потпишување на договорите за градба и надзор од страна на јавното претпријатие ‘Водовод и канализација’“, порача Шукова.

Таа смета дека овој проект е над сите политички интереси и императив доколку сакаме да бидеме дел од европското семејство

Шукова потсети дека со поддршка на ЕУ успешно заврши изградбата на пречистителни станици во Прилеп, Радовиш, Струмица и Кичево. Со билатерална соработка од швајцарската влада во Гевгелија и Кочани, а се очекува наскоро да започне изградбата на пречистителни станици во Битола и Тетово, кои се планирани за финансирање во рамките на инструментот за претпристапна помош ИПА 2.

„Со тоа ќе се обезбедат 37,5 отсто од потребните национални капацитети. Исто така, подготвивме техничка документација за општините Велес и Штип, чија изградба треба да започне во најблиска иднина, како и колекторски ситем за Виница и негово поврзување со постојната пречистителна станица во Кочани. Ако кон овие ја додадеме и пречистителната станица во Скопје, постигнуваме 74,7 отсто од потребниот национален капацитет за прочистување на води“, вели Шукова.

Договорот го потпишаа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерката за животна средина  Каја Шукова, евроамбасадорот Дејвид Гир и заменик-претседателката на ЕИБ Лилјана Павлова.

Од потпишувањето на договорот за грант за пречистителната станица Скопје (Фото: Б. Грданоски)

Пречистителната станица за Скопје треба да биде завршена до 2030 година

Пречистителната станица за отпадни води за Скопје (ПСОВ), која треба да се гради во Трубарево, Општина Гази Баба, треба да ги пречистува отпадните, фекални и канализациски води од речиси сите домаќинства во главниот град и такви да се испуштаат во реката Вардар.

Изградбата на ПСОВ сè ущте не е започната, а проектот вреден 136 милиони евра треба да биде завршен до 2030, односно 2045 година.

Изведувачот на градежните работи требаше да биде избран меѓу два конзорциума, но како што соопшти Градот Скопје поради „самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендер“, разрешен беше директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински, како и генералниот секретар на Градот, Ѓоко Велковски.

„Јас се надевам дека ќе ги надминеме недоразбирањата. Разговарав со Арсовска и наскоро ќе ги утврдиме наскоро термините кога да бидат потпишани овие договори“, изјави Шукова денеска пред медиумите.

Постапката за пречистителна станица за отпадни води започна во декември 2019, кога беше потпишан договорот за заем. Тендерот беше распишан во јуни 2020 и тогаш беше кажано дека ќе биде готова во 2025.

Денеска беше кажано дека постапките се завршени, но без потпишан договор со понудувач. Договорот за изградба и надзор треба да го потпише скопски „Водовод“.

„Она што можам да го кажам е дека ние мора да следиме посебни правила и процедури и вршиме надзор со вонредни и редовни контроли на процесот на оваа јавна набавка, но сѐ мина  во добар ред и има зелено светло за ‘Водовод’ да го потпише договорот“, рече Павлова од Европската инвестициска банка.

Бесими, Павлова и Шукова го потпишуваат договорот за грант -(Фото. Б. Грданоски)

Во финалната фаза влегоа две компании/конзорциуми со своите понуди. Според претходни медиумски натписи блиски до опозицијата, Арсовска ја фаворизирала турската фирма.

Проектот се состои од две фази. Пречистителната станица ќе се состои од единица за предтретман и единица за биолошки третман кои ќе се изградат во првата фаза до 2030 година. Надградбата на биолошкиот третман со цел да се вклучи и отстранување на азотот и фосфорот ќе се изгради во рамки на втората фаза на проектот (до 2045 година). Единицата за дезинфекција и одделно третирање на атмосферските води се смета на опционални објекти кои може да се изградат во рамки на втората фаза на проектот. Ефлуентот од третманот на отпадните води ќе се испушта во реката Вардар. Предвидениот капацитет на ПСОВ е 625.000 жители во 2030 година и 650.000 жители во 2045 година.