Се снима нова сезона на „Сенки над Балканот“, објави Бјелогрлиќ


На снимањето на новата сезона на „Сенки над Балканот“

Српскиот актер и режисер Драган Бјелогрлиќ на својот профил на „Инстаграм“ откри дека во тек е снимањето на третата сезона на серијата „Сенки над Балканот“ (Senke nad Balkanom).

На фотографија објавена на социјалната мрежа, Бјелогрлиќ стои покрај неговиот син Алексеј, кој исто така глуми во серијата.

– Сенките повторно стигнуваат на Балканот – напишал кратко Бјелогрлиќ.

Серијата ја имаше премиерата во 2017 година, а се фокусира на историјата на Балканот во периодот помеѓу двете светски војни. Алексеј Бјелогрлиќ во втората сезона го толкуваше ликот на млад боксер, а се чини дека ќе ја повтори улогата и во третата сезона.

Српскиот актер, режисер и продуцент лани беше прогласен за почесен професор на Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима – Скопје, а воедно му беше и врачена наградата EUROPA PRIMA 2022 од Фестивалот на Југоисточна Европа – SEE FILM FESTIVAL Paris-Berlin Washington.

Во рамки на првиот академски час на Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима – Скопје, студентите имаа чест во Кинотеката да присуствуваат на доделувањето на наградата и прогласување на Бјелогрлиќ за почесен професор.

– Колку и да ме повредувал, разочарувал овој суров живот, светот на филмската уметност ми даде сила никогаш да не изгубам верба во љубовта, луѓето и во тој суров живот што секојдневно го живеам. Поради тоа сум благодарен што сум дел од филмскиот свет и благодарен сум што ја добив наградата што го препозна мојот пат, денеска и тука во овој град и држава што ја сметам за моја, каде не се чувствувам како гостин и каде што живеат луѓето што ги сакам и тие ме сакаат мене, изјави Бјелогрлиќ.

Тој потсети дека е поминат доста долг период од почетокот на неговата кариера, односно 45 години поминати во прекрасниот свет на филмската магија.

– Паралелно ги живеам тие два животи што се обидував да ги соединам во едно и всушност да станат еден живот, истакна Бјелогрлиќ.

Се прославил со улогата на Слободан Попадиќ во серијата „Подобар живот“ (1987 – 1990). По оваа улога следеле улогите во ТВ серијата „Заборавени” (1990) и филмовите „Црн- бомбардер“ (1992), „Полна месечина над Белград“ (1993), „Убавите села, убаво горат“ (1996), кои Бјелогрлиќ го рангирале во редот од најпознатите и најпризнаните српски глумци.

Последниве години Бјелогрлиќ се обидел и како продуцент, а првиот филм кој го продуцирал бил „Убавите села, убаво горат“.

Се обидел и како режисер, го режирал играниот филм и тв серијата Монтевидео, Бог те видео! со кој постигнал голем успех. Филмот е избран за српски претставник за наградата Оскар. Последниве години е актуелен со улогата во филмот „Тајкун“.