„Сè што ќе допре Путин умира“: Руски олигарх се откажа од рускиот пасош поради војната


Леонид Невзлин

 

Руско-израелскиот олигарх Леонид Невзлин во вторникот објави дека планира да се откаже од рускиот пасош во знак на протест поради руската инвазија на Украина.

„Сè што ќе допре Путин умира“, напиша Невзлин на Фејсбук.

„Јас сум против војната. Јас сум против окупацијата. Јас сум против геноцидот на украинскиот народ“, напиша тој.

Невзлин беше меѓу првите истакнати руски олигарси кои одлучија да заминат во егзил во Израел, бегајќи од она што тој го опиша како „кампања на политички мотивирано прогонство од страна на рускиот претседател Владимир Путин“.

Во 2003 година, Невзлин избега од Русија во Израел додека истрагата поддржана од Кремљ за неговата нафтена компанија „Јукос“ беше во тек. Невзлин е косопственик на Јукос заедно со Михаил Ходорковски, кој беше осуден од московскиот суд на затвор под обвинение за измама, а подоцна проневера и перење пари.

Израел го одби барањето на Русија за екстрадиција на Невзлин да биде обвинет од Москва за убиство, обид за убиство и финансиски криминали.

Невзлин ги отфрли сите обвинувања, велејќи дека тие се обид на Путин да го замолчи него и другите критичари на режимот.

„Јас бев еден од првите што ги удри Путин. Тој ги фрли моите пријатели во затвор и уби некои од нив“, напиша Невзлин.

„Поминав речиси дваесет години надвор од Русија, но тоа ми овозможи да го видам нејзиниот процес на гниење и распаѓање“, напиша тој.