Се проверуваат објектите за прослави и големи собири

Државниот пазарен инспекторат и формално и законски го заокружи првиот дел од процесот во рекордно време, обезбедувајќи ефикасност и усогласеност со прописите, а од денеска се проверуваат објектите наменети за прослави и големи собири, информира денеска портпаролката на Владата марија Митева.
– Јас најпрво сакам да ве информирам дека ако до сега зборувавме за направени и завршени контроли и детално ги презентиравме бројките, денеска сакам да потенцирам дека и формално правно и административно, целата потребна документација којашто е поврзана со сите неодамнешни инспекции е целосно обработена. Целокупната постапка е завршена во форма на службен записник и е доставен до надлежните институции. Со ова, Државниот пазарен инспекторат и формално и законски го заокружи првиот дел од процесот во рекордно време, обезбедувајќи ефикасност и усогласеност со прописите – рече Митева.
Од денеска пет инспекциски екипи се активно на терен и вршат проверки на објектите коишто се наменети за прослави и големи собири. Овие инспекции се фокусирани на проверка дали објектите ги исполнуваат минимално-техничките услови коишто ги бара законот. Во наредните денови најави нов извештај од оваа контрола, кој ќе даде појасна слика за нивоата на усогласеност и сите неопходни корективни мерки коишто ќе треба да се преземат.