Се продаваат запленетите станови на поранешниот премиер Никола Груевски
Почетната цена за првиот стан е 52,3 милиони денари или околу 850 илјади евра
Агенцијата за управување со одземен имот повторно објави датум за лицитација за продажба на трите запленети станови на поранешниот премиер Никола Груевски. Становите, кои беа конфискувани во судскиот предмет „Плацеви на Водно“ ќе се продаваат на лицитации закажани за 29 јули, во 9, 11 и во 13 часот.
Според огласот, сите станови се на иста адреса на Водно, најголемиот има 200 квадтарни метри, вториот е малку помал, 199 квадратни метри, а најмалиот е од 155 квадратни метри. Сите станови имаат големи тераси, над 40 квадратни метри.
Почетната цена за првиот стан е 52,3 милиони денари или околу 850 илјади евра, за вториот е 52 милиони денари, а за третиот стан е 46,7 милиони денари или околу 760 илјади евра.
Недвижностите на Груевски ќе се понудат на продажба по вторпат, откако првата аукција пред една година беше без успех.
СДСМ: Вистинскиот имот на Груевски е надвор од Македонија
СДСМ ја обвини Владата дека повторната продажба на запленетите станови на поранешниот премиер Никола Груевски не претставува вистинска правда, оценувајќи дека Груевски и понатаму живее во луксуз во Унгарија, додека, според партијата, државата не прави доволно за негова екстрадиција.
Од СДСМ наведуваат дека во момент кога граѓаните се соочуваат со економски тешкотии, државата повторно продава дел од конфискуваниот имот на Груевски.
„Додека граѓаните се дават во долгови и се соочуваат со минимална плата од 400 евра, државата повторно се обидува да продаде дел од запленетиот имот на Никола Груевски – човекот кој избега во Унгарија и таму продолжува да живее во луксуз, наместо да ја издржува казната во Идризово. Така изгледа кога криминална организација е на власт“, соопшти СДСМ.