Сè повеќе трговски центри во САД банкротираат

Вашингтон прајм груп, која е сопственик на трговски центри на повеќе од 100 локации низ САД, поднесе барање за банкрот, наведувајќи ги како причина последиците од мерките за затворање за време на пандемијата со КОВИД-19.
Групата, со седиште Охајо, поднесе барање за заштита од банкрот според американското законодавство, наведувајќи дека КОВИД-19 „создал значителен проблем“ и дека овој чекор е „неопходен“, пренесува Си-Ен-Ен.
Вашингтон прајм обезбеди 100 милиони долари нови средства за поддршка на секојдневните операции за да може „да продолжи да работи нормално без прекини“.
Акциите на Вашингтон прајм паднаа по оваа вест за дури 55 проценти во тргувањето пред официјалното отворање на Њујоршката берза, а во последните 12 месеци тие паднаа за 60 проценти.
Промената на навиките на потрошувачите и пандемијата ја разнишаа малопродажната индустрија во текот на 2020 година. Претходно, уште минатата година две други компании – сопственици на трговски центри во САД, CBL Properties и PREIT, поднесоа барање за банкрот повикувајќи се на слични проблеми.
„За време на финансиското преструктуирање, ние ќе продолжиме да работиме за да ја зголемиме вредноста на нашите средства и нашата оперативна инфраструктура“, изјави извршниот директор на Вашингтон прајм, Лу Конфорти.
Компанијата соопшти дека „спроведувањето на сеопфатно и консензуално финансиско преструктуирање“ има за цел да го намали нивниот „тежок“ долг за речиси милијарда долари.
Пандемијата го забрза преминот кон купување преку Интернет, а континуираниот раст на електронската трговија ќе доведе до затворање на сè поголем број на физички продавници кога ќе заврши пандемијата, предвидуваат аналитичарите специјализирани за трговија на мало во швајцарската банка УБС.
Нивниот извештај проценува дека околу 80.000 продавници ќе бидат затворени во следните пет години и дека бројот на американски трговски центри ќе се намали во истиот период, додава Си-Ен-Ен.