Се крои програмата за субвенции за земјоделците само со одбрани здруженија

Остра реакција на неколку големи здруженија на земјоделците зошто министерот Цветан Трипуновски не ги поканил и нив на разговор за новата програма


Средбата на министерот Цветан Трипуновски со претставници само на одбрани земјоделски здруженија

 

БИТОЛА – Се крои нова програма за субвенциите за земјоделците и сточарите, а министерот Цветан Трипуновски на средба свика само дел од здруженија, останите останале без информации. Вакви негативни реакции кај земјоделците и сточарите предизвика саботната средба на министерот Трипуновски со земјоделски и сточарски здруженија во Кавадраци, откако дел од здруженијата реагираа дека не биле поканети да чујат што им се крои во новата година.

Трипуновски објави дека имал работен состанок со претставници на околу 30-ина земјоделски здруженија, на кој разговарале за предлог програмите за 2026 година.

„Дискутиравме за приоритетите и предизвиците со кои се соочува земјоделскиот сектор. Претставниците на здруженијата ги изнесоа своите гледишта и предлози, кои од страна на Министерството ќе бидат внимателно разгледани при креирањето на идните мерки и политики што ќе одговорат на реалните потреби на земјоделците и ќе придонесат за развој на земјоделството“, објави кусо Трипуновски вест со фотографии од средбата.

Но, дел од здруженија веднаш реагираа за селективност во постапката. Едно од поекспонираните во јавноста земјоделско здружение „Национална земјоделоделска мрежа“ (претседател Ѓорги Каракашев), јавно реагираше дека не било покането, па му порача на Трипуновски:

„Ние како НЗМ јавно укажуваме дека ниту досега, ниту отсега, нема да молчиме и нема да следиме и подржуваме погрешни и штетни политики во секторот земјоделие! Ќе бидеме уште погласни и ќе ги користиме сите законски и демократски средства што ни стојат на располагање. Во иднина за сите пропусти недоследности ќе алармираме јавно и ќе бараме конкретна одговорност токму од тие на кои им ја дадовме нашата доверба. Националната земјоделска мрежа е организација на индивидуалните земјоделски производители и секогаш и по секоја цена ќе ги штити интересите на своите членови и колеги“, реагираше Националната земјоделска мрежа.

Со остра реакција се јави и здружението на сточари „Пелагониско поле“ чии претседател е Тони Петковски – Паша, сточарот кој одгледува крави, а на чија фарма одеше Трипуновски во време кога беше во опозиција и во предизборието.  

„Зошто министерот Трипуновски кога доаѓаше во Битолско не бараше нас сточарите од здружението ‘Пелагониско поле’, мене лично Тони Паша, а сега кога ги ‘крои’ политиките за субвенциите за сточарите нас нѐ заобиколи и не ме покани на средбата во Кавадарци. Кои сточари и здруженија ги застапуваат интересите на сточарите? Дали знае министерот дека 90 проценти од сточарите не се запознати што се зборуваше на средбата во Кавадарци и што капа ни се крои? Дали не е срамота сточарите што активно работат да не знаат што мерки ќе се носат. По кој клуч ги биравте здруженијата да присуствуваат на средбата, па нас што не заобиколивте? Дали сега кога ќе доаѓате во Битолско пак ќе нѐ побарате за да одите по нашите фарми и да се сликате?“, реагира Петковски.

На средбата со министерот присуствуваше здружението на одгледувачи на овци и кози „Современ сточар“ (претседател Боби Бошевски) кој ги застапува интресите на сточарите од Пелагонија и Југозападниот регион.

Од таму велат дека до министерот доставиле предлог мерки за унапредување на овчарството во државата ама најважно од сѐ е редовна и навремена исплата на субвенциите за да можат да ја хранат стоката и да ги одржуваат бачилата.

„Современ сточар“ предлага зголемување на субвенцијата за грло овца на 4.000 денари. Сега субвенција изнесува 2400 денари.

„Оваа мерка ја предлагаме од причина што имаме континуиран пад на бројноста на стоката, голема смртност од болеста син јазик, ниска откупна цена на живото јагне, висока цена на работната рака за ангажирање во фармите, висока цена на кабаста и зрнеста храна“, посочија од здружението на Бошевски.

За одгледувачите на овци најважно е за новата програма за 2026 година да се укине мерката задолжително предавање во кланица на 30 проценти на јагниња од евидентираниот број на овци. Ова од причина што кланичарите имаат монопол и нудат нереално ниски откупни цени на јагнешкото месо.

Досега не се исплатени голем број земјоделци и сточари по повеќе мерки и за неколку години наназад. Субвенциите не се редовни. Најголема реакција следуваше пред Нова година кога од околу 2.500 одгледувачи на овци во државата, субвенции за 2024 година зедоа само половината, околу 1.200 овчари. Другите останаа без пари. Сега сточарите си ги бараат парите од премијата за преденото млеко во млекарница. Само мал дел од нив зедоа премија за два или три месеци од 2025 година. И тоа е спорно за нив, по кој клуч беше исплаќана премијата за млекото. Сепак најголем дел од сточарите секој ден притискаат на доисплата на субвенциите од 2024 година и исплата на премијата за предадено млеко.

Голем е притисокот и од поледелците, овоштарите, лозарите за воопшто неплатени или парцијално недоисплатени субвенции за 2024 година.