Се чека дожд за да започне есенската сеидба во Пелагонија


Битола – Земјоделците во Пелагонија чекаат дожд и поголема влага за да влезат во нивите и да ја отпочнат есенската сеидба. Досега поради долгиот сушен период и малата количина врнежи, засеани се само дваесетина проценти од планираното и тоа во покрупните земјоделски стопанства. Помалите земјоделци не можат да ја отпочнат оваа голема земјоделска операција, затоа што поради сушата земјата тешко се обработува, а нивните трошоци се зголемуваат. Состојбата може да се релаксира само доколку во следниов период наврнат од 50 до 100 литри дожд на квадратен метар, велат земјоделците

„Состојбата во нивите е лоша, не може да влеземе за да посееме нешто. Единствено некои угари што се изугарени преку летото, ама ќе чекаме дожд. Трошоците се поголеми, не се ора, се оптоваруваат машините, се зголемува трошокот“, вели Славе Митановски, земјоделец од Пелагонија.

Експертите велат – не се важни количините, туку распоредот на врнежите. Дожд е потребен, но поројни врнежи можат да предизвикаат друга штета.

„Помалку е важно колку литри по квадратен метар ќе заврне, поважно е да врнежите да бидат рамномерно распоредени и да нема поројни дождови. Значи, потребно е помирен дожд, со постабилна количини, затоа што ако има поројни дождови се измива површинскиот, односно плодниот почвен слој, така што и тоа може да направи штета во земјоделството“, вели Зоран Бардаковски од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.

Експертите предлагаат приспособување на земјоделското производство на ваквите состојби.

„Единствено што може да се препорача на сите површини каде што нема наводнување да се применуваат култури што се отпорни на суша и да се применуваат правилни агротехнички мерки кои ќе го немаат влијанието на сушата. Со примена на правилни сорти ќе може да се надминат овие меѓупериоди. Факт е дека земјоделство без вода не може да постои“, нагласува Бардаковски.

Климатските промени ја менуваат традицијата во Пелагонија, па во последните неколку години се случува есенската сеидба да се одвива во ноември и декември. Таква беше и со ланската есенска сеидба, кога не беше во целост исполнет планот, но затоа, пак, и она што подоцна беше посеано беше со солидни приноси.

Сепак, неизвесно е дали временските услови ќе го дозволат тоа и годинава и дали ваквата состојба ќе влијае врз приносите во најголемата житница во земјава, Пелагонија. (Е.М.)