Се бараат максимални затворски казни за семејството Кецмановиќ – пресудата се изрекува денеска


Вишиот суд во Белград денеска треба да им ја соопшти пресудата на Владимир и Миљана Кецмановиќ, родителите на малолетниот убиец од ОУ „Владислав Рибникар“ коj на 3 мај 2023 година, со истрели од пиштолот на неговиот татко, уби девет основци и еден чувар, додека рани неколку други. На родителите на Кецмановиќ им се заканува повеќегодишна затворска казна, а и покрај тоа што судењето досега беше затворено за јавноста, пресудата ќе биде јавно објавена.

Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ побара од судот максимални затворски казни за семејството Кечмановиќ и за инструкторот по стрелаштво.

Тој во последните зборови му предложи на судот Владимир Кечмановиќ да биде осуден на единствена затворска казна од 14 години и 11 месеци за кривични дела тешко кривично дело против општата безбедност и запуштање и злоупотреба на малолетно лице.

За Миљана Кецмановиќ предложи единствена затворска казна од пет години и пет месеци за сторени кривични дела недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи и запуштање и злоупотреба на малолетно лице.

Обвинителот предложи максимална казна затвор од три години за инструкторот за стрелање Немања Маринковиќ за кривично дело давање лажен исказ. Стефановиќ смета дека за семејството Кечмановиќ нема олеснителни околности, туку само отежнувачки бидејќи не изразиле ниту каење ниту сочувство кон жртвите.

Изрекувањето на пресудата за Владимир и Миљана Кецмановиќ е закажана за 13 часот во Палатата на правдата. Пресудата што ќе ја донесе Вишиот суд во Белград ќе биде јавно објавена и покрај тоа што вратите од судницата биле затворени за јавноста во текот на целата судска постапка. Станува збор за првостепена пресуда против која ќе може да се поднесе жалба во законскиот рок.

 

За потсетување, Владимир Кецмановиќ е обвинет дека несоодветно држел оружје во својот стан, поради што нивниот син К.К успеал да дојде до него, да го однесе на училиште и да изврши невидено злосторство со убиство на девет ученици и еден училишен чувар.. Тој се товари дека сторил кривично дело предизвикување општа опасност, а Миљана за недозволено поседување оружје и експлозивни направи бидејќи на една од чаурите при полициската истрага во училиштето и била пронајдена биолошка трага.

На 3 мај 2023 година, малолетниот убиец смртно ги застрела Бојана Асовиќ (11), Ана Божовиќ (11), Катарина Мартиновиќ (12), Мара Анѓелковиќ (13), Ема Кобиљски (13), Софија Негиќ (13), Андрија Чикиќ (14), Адријана Дукиќ (14), Ангелина Аќимовиќ (14) и Драган Влаховиќ (53), а ранети се шест лица.

Иако на самиот почеток не беа обвинети за кривичното дело злоупотреба и запуштање на малолетно дете, Вишото јавно обвинителство во Белград во октомври го прошири обвинението. Според обвинението, обвинетите ја занемариле психичката и емоционалната состојба на своето дете за да не реагираат адекватно на чувството кое се развило кај детето – дека е одбиено и неприфатено на часот што го посетувал до седмо одделение во ОУ „Владислав Рибникар“. Проширувањето на обвинителниот акт уследи откако момчето-убиец, за прв пат по 3 мај 2023 година, кога изврши масовно убиство, ја напушти болницата во која се наоѓа и во придружба на полицијата со возило на брза помош беше пренесен во зградата на Специјалниот суд во Белград, каде сведочеше во кривичната постапка против неговите родители.