СДСМ за пропаднатата ЕУ агенда: Другите добиваат милијарди, ние се задолжуваме
СДСМ обвини дека Македонија е сè подалеку од членство во Европската Унија и дека државата повеќе не е дел од европската агенда, оценувајќи дека тоа е последица на политиките на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
„Последните пораки од Европската Унија се најсилниот доказ дека Македонија повеќе не е на европската агенда. Додека Европската Унија на таканаречениот ‘супер вторник’ отвора нови кластери и поглавја со земјите кандидати, Македонија повторно останува надвор од европскиот пат. Украина и Молдавија ги отвораат преговорите, Црна Гора и Албанија напредуваат, а нашата држава не е дел од европската динамика“, велат од СДСМ.
Од партијата тврдат дека, според нив, ова е директна последица на политиките на премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
„Наместо напредок, Македонија денес е заглавена, заложник на лажните ветувања на Мицкоски, неспособноста за државна политика и криминал“, наведуваат од СДСМ.
Според опозициската партија, политичката изолација има и економски последици, бидејќи земјите што напредуваат во евроинтеграциите добиваат значителна финансиска поддршка од Европската Унија.
„Додека земјите што напредуваат кон Европската Унија добиваат милијарди евра неповратна европска поддршка за развој, Македонија се задолжува со нови милијарди евра кредити, а граѓаните живеат со сè пониски плати, пад на инвестициите и сè послаба економија. Црна Гора добива 3,2 милијарди евра, Хрватска досега има добиено 30 милијарди евра. Тоа се пари за подобро образование, здравство, поддршка за земјоделците, силна економија и подобар животен стандард“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ додаваат дека, според нив, со блокирањето на европската иднина Македонија ризикува да остане последна во регионот поради, како што велат, „интересите на една криминална група која се плаши од правда и од Европа“.