СДСМ: За Орце, Скопје е само билборд за самопромоција
СДСМ преку соопштение упати критики до градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, обвинувајќи го дека наместо да се посвети на решавањето на проблемите во главниот град, се фокусира на лична промоција.
Од партијата велат дека прашањата поврзани со јавниот превоз, отпадот и дивите депонии се оставени на страна, додека, според нив, приоритет му е промоцијата преку билборди.
СДСМ тврди дека на неодамна поставениот билборд има повеќе грешки во визуелното решение, меѓу кои, како што наведуваат, „коњ со пет нозе, Камениот мост кој личи на вијадукт и белградски храм во сред Скопје“.
Од партијата прашуваат колку чинело решението изработено со вештачка интелигенција, која компанија го реализирала, дали има и други договори со истата фирма и зошто, според нив, овие информации не се објавуваат.
Во реакцијата се наведува и дека новото решение не е бесплатно, бидејќи печатењето и поставувањето на билбордот ги извршило јавно комунално претпријатие кое се финансира со средства од граѓаните.
„Нема ништо бесплатно, па ниту решението изработено со вештачка интелигенција. И тоа е платено со парите на граѓаните на Скопје“, наведуваат од СДСМ. објави Скопје1.мк