СДСМ: Владата да преземе итни мерки за заштита на животниот стандард


Растот на трошоците за живот не запира, статистиката повторно регистрира зголемување на инфлацијата и цените на мало. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата на годишно ниво, односно август 2025 година споредено со август 2024 година, бележи зголемување од 4,4 проценти. Најголемо зголемување има на трошоците за храна и безалкохолни пијалаци од 6,2 проценти, наведува СДСМ во соопштение. 

Во истиот период, цените на мало поскапеле за 4,1 процент. Дури за 6,7 проценти се зголемени цените на мало за прехранбени производи.

„Ова е реалноста која ја живеат македонските граѓани – животот станува сѐ поскап, инфлацијата ја јаде куповната моќ“, велат од СДСМ, додавајќи дека ова е резултатот од „погрешните и аматерски економски политики“ на владата предводена од Христијан Мицкоски.

Колку и да сака премиерот Мицкоски да прикаже дека во државата добро се живее, статистиката не лаже, граѓаните ја чувствуваат сиромаштијата на свој грб, нагласуваат од СДСМ.

Од СДСМ предупредуваат на растечкиот тренд на инфлацијата и велат дека понудиле конкретни решенија за раст на платите и намалување на цените, кои владејачкото мнозинство не ги прифати.

„Сега повторно бараме владата да преземе итни мерки за заштита на животниот стандард, граѓаните не смеат да бидат жртва на погубните политики на оваа власт“, наведуваат од СДСМ.