СДСМ тврди дека ВМРО-ДПМНЕ ги излажала земјоделците со ребалансот на буџетот
Партијата вели дека субвенциите се намалени за прв пат во историјата

Опозициската СДСМ денеска соопшти дека за прв пат од воведувањето на субвенциите во 2005 година, се кратат средства – финансиска поддршка за развој на земјоделството и за земјоделците.
„Пред избори ветуваа историски највисока поддршка, денес испорачуваат историски најниска поддршка – тоа е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ“, рече на прес конференција Александар Димитриевски од Комисија за земјоделство на партијата.
Според него, во седумте години на владеењето на СДСМ, не се има случено намалување на поддршката за земјоделците. Во 2023 година, финансиската поддршка изнесуваше 8,3 милијарди денари, а со ВМРО-ДПМНЕ е намалена на 6,7 милијарди денари.
„Тоа значи над 30 милиони евра помалку за земјоделството – сектор од клучно значење за економијата и за обезбедување храна. Наместо со финансиска поддршка да го зголеми домашното производство на земјоделски производи владата свесно го турка во колапс, отворајќи простор за увоз на скапи производи.
Дополнително, после две години предвремена, авансна исплата од 30%, оваа година ВМРО-ДПМНЕ го укинува и тоа – нема да има.
ВМРО-ДПМНЕ го намали и буџетот за програмата за рурален развој. Нема повеќе програми за мали семејни бизниси.
Од ветените 180 милиони евра субвенции што ВМРО-ДПМНЕ ги најавуваше, во буџетот остануваат едвај 110 милиони. А со укинување на лимитот за директни плаќања од
18 милиони денари, повторно се фаворизираат големите компании на штета на малите производители.
Цената на оризовата арпа, од 40 денари, е намалена на само 26 денари – најниска во последните години. Цената на млекото е исто така намалена, а пченицата не може да достигне ни приближно 12 денари. Производната цена за грозјето, иако е законска обврска, сè уште не е јавно објавена“, рече Димитриевски.
Вчера од собраниската говорница за време на расправата за ребалансот на буџетот, слични оценки изнесе и пратеникот Љупчо Николовски. „За првпат во историјата, со ребалансот се намалуваат субвенциите за земјоделците, што директно ја намалува финансиската поддршка која тие ја добиваат. Ова е целосен преседан, бидејќи досега секогаш со ребалансот се додаваа дополнителни средства, а сега, напротив, се кратат“, рече тој.