СДСМ не дојде, одложена седницата на работната група за изборниот закон
Министерот за правда, Игор Филков остро го нападна СДСМ и го нарече „изгубена партија“
Министерството за правда соопшти дека поради отсуството на пратениците на СДСМ е одложена четвртата седница на работната група за реформи во изборното законодавство.
Министерот за правда, Игор Филков информирал дека политичките партии доставиле дополнителни забелешки и коментари на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. На маса биле и предлозите на институциите кои се вклучени во изборниот процес, а со кои во изминатиов период Министерството за правда имала конструктивни средби – Државната изборна комисија, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Агенцијата за администрација и независните граѓански иницијативи.
Филков остро го нападна СДСМ и го нарече „изгубена партија“.
„Но, она што денес изостана е токму она што е најпотребно – политичка зрелост. Не може да зборуваме за фер и демократски избори, а истовремено да не учествуваме во процесот кој треба да ги обезбеди тие стандарди. Демократијата подразбира дијалог, компромис и заедничка одговорност. Денеска имавме можност да го видиме вистинското лице на, за жал, изгубената политичка партија која што со низа погрешни потези водени од тесногради партиски интереси свесно ја блокира реформската агенда и го кочи европскиот напредок на државата. СДСМ избраа да не бидат дел од процесот во момент кога се носат суштински одлуки“, рече тој.
СДСМ донесе одлука да излезе од работната група за изборниот закон поради тоа што владиното мнозинство сака да ја укине техничката влада без консензус со политичките партии.
На ова реагираше СДСМ, кој го обвини Филков дека лаже.
„Министерот Филков денеска повторно се обидува да ја префрли вината на СДСМ за сопствената неспособност и блокада на реформите.
СДСМ уште од мај 2025 година, на секоја прес-конференција, јавно го прашува Министерството за правда и министерот Филков аде се реформските закони? Зошто ги нема на ЕНЕР? Зошто ги криете од јавноста и од Собранието?
Наместо да ги подготви и да ги достави законите, Филков и ВМРО-ОКГ цела година молчат, одложуваат и сега, по само едно неучество на работна група, одеднаш СДСМ е виновен за сè.
10 милиони евра од ЕУ за правосудни реформи се загрозени токму поради ВМРО, а не поради СДСМ. Ние не блокираме реформи, ние бараме реформи да се случат“, реагираа од СДСМ.