СДСМ контра Мицкоски: Не може инфлација од 2,3 отсто да биде успех ако цените се до „небо“
Христијан Мицкоски повторно прибегнува кон политичка математика. Јулската инфлација од 2,3 % ја претставува како голем успех, споредувајќи ја со 2022 година – годината на најголемата светска криза, кога инфлацијата на трошоците на живот беше 16 %, а индексот на цените на мало околу 14 %, се наведува во соопштението на СДСМ.
„2022 година, година на светска криза – постковид периодот и енергетската криза, како и почетокот на војната во Украина, се користат за правење паралела со 2026 година, со цел да се прикажат успесите на оваа влада, која всушност нема ниту еден единствен успех.
Споредбата е намерна и манипулативна. Никој не спори дека инфлацијата денес е пониска од рекордните нивоа од 2022, но тоа не значи дека животот е поевтин.Тоа значи само дека цените повеќе не растат со иста брзина, откако веќе еднаш скокнаа до небо – во текот на последните неколку месеци, поради скокот на цената на нафтата и неповедувањето на предложените мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните од страна на СДСМ.
Цените не се вратија назад. Куповната моќ на граѓаните е трајно намалена. Основните производи што во 2021 чинеа 1.000 денари, денес чинат околу 1.300 денари. Тоа е реалноста што ја чувствуваат граѓаните секој ден на каса. Додека Мицкоски се фали со 2,3 %, транспортот само во еден месец поскапе за 4,4 %. Храната формално благо поевтини во однос на претходниот месец, но останува далеку над нивоата од пред кризата. ..
Граѓаните имаат своја статистика – доволно е да погледнат во паричникот или во фрижидерот, а таму е празно“, велат од СДСМ.