СДСМ ќе гласа „против“, Законот за Советот на јавни обвинители сепак ќе помине
СДСМ ќе гласа против законот за Советот на ЈО од реформската агенда, што е денеска на собраниската седница. Одлуката била донесена на координацијата на пратеничката група со претседателот на СДСМ Венко Филипче, кој е исто така пратеник.
Според истите извори причината за гласањето против е што власта од 8 амандмани поднесени од СДСМ прифатила само еден, и тоа како што велат небитен.
Освен СДСМ, законот нема да добие поддршка ниту од Европскиот фронт на ДУИ , тие ќе се воздржат од гласање.
Законот е дел од реформската агенда а за него е потребен само 61 глас без Бадинтер, така што од власта најавуваат дека мнозинството ќе го донесе и без опозиција уште денеска. Сепак, на денешната собраниска седница пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Малиша Станковиќ рече дека и покрај тоа што амандманот поднесен од СДСМ е противуставен, тие повторно инсистираат да се внесе елемент во самиот закон којшто ќе го кочи функционирањето.
„Вие да имате закон на којшто е организирана јавна трибина со Собранието, јавна дебата на којашто вие предложивте експерт на којшто дојдоа, дебатираа, после тоа да имате јавна расправа во Комисијата за политички систем на којшто се поднесуваа амандмани, 8 амандмани СДС заедно со нивната коалиција, 9 амандмани од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 9 амандмани од коалицијата предводена од ДУИ. Два ваши амандмани прифатени и трет амандман ви е прифатен како комисиски, два амандмани од ВМРО-ДПМНЕ и 3 од ДУИ – и покрај целата таа дебата вие викате не нашите амандмани не се прифатени. Па, како не се прифатени? Едниот амандман ви е противуставен, самите кажувате не може да биде прифатен бидејќи се коси со Уставот и вие велите не е реформски законот, со двотретинско мнозинство каде што опозицијата ќе имала можност, вие наоѓате во тој дел забелешки, значи вие упорно сакате да внесете елемент во самиот закон којшто ќе го кочи функционирањето на законот“, рече Станковиќ и додаде:
„Од Реформската агенда и вашето наводно залагање дека сте вие за реформи нема ништо, вие како ги замислувате тие реформи, ќе има реформи ако само вие кажете како да биде, тоа е реформа за вас, не може да има реформи ако вие не сте на власт. Вие не се борите за реформи, вие ги кочите реформите, И да слободно напуштете ги сите комисии каде што има европски закони, оваа држава на патот кон Европа ќе отиде и без вас“, порача тој.
Заменик министерот за правда Ален Дерeбан истакна дека новиот Закон е изработен во транспарентна процедура, вклучени експерти од областа и сите опфатени со неговата примена и е директен одговор на сите детектирани слабости на претходниот закон.
„ Законот беше испратен на мислење до Венецијанската комисија и вратен со позитивно мислење. Во него се имплементирани сите препораки на европските тела“, истакна Деребан.
Со предложеното законско решение, нагласи, се воведуваат суштински новини насочени кон зајакнување на независноста, професионалноста и транспарентноста во работењето на Советот и на јавното обвинителство во целина.
„ Со овој закон значитeлно се зајакнуваат критериумите за избор на членовите на Советот на јавни обвинители, се регулира една транспарентна постапка за избор на членовите на Советот на јавните обвинители, се уредува дисциплинската постапка, постапката за избор на јавните обвинители, се зголемува јавноста и транспарентноста во работата на Советот на јавни обвинители, се уредува постапката по жалба и тужба при постоење на управен спор. Овој закон е реформски и не гледам причина зошто едногласно да не биде усвоен од страна на Собранието“, рече Деребан.
За пратеничката од НСДП Соња Мираковска овој закон не претставува реформа, бидеќи, според неа, не ги дава клучните одговори на забелешките од Венецијанска комисија. Осврнувајќи се на дел од амандманите на опозицијата кои не биле прифатени кажа дека ќе гласаат против ова законско решение.
– Овој закон не е реформски. Не дава одговор на нашата задача која ја имаме од страна на Европската унија. Зборувавме многу често дека за една добра реформа не е доволно само јавна расправа на која ние ќе молчиме, а ќе влезат експертите и ќе разговараат. Има потреба од сериозно вклучување на опозицијата, разговор меѓу нас, но тоа не се случи. Ние овој Закон нема да го поддржиме, ќе гласаме против, бидејќи сметаме дека ова не дава одговор ова не е реформа„, рече Мираковска.