Нов Марш на ангелите во сабота – за да не се разводнува одговорноста
Родителите на починатите деца во кочанската дискотека „Пулс“, ги повикуваат граѓаните да им се приклучат на Маршот на ангелите во сабота.
-9 Мај — Ден на Европа и Ден на победата над фашизмот. Ден што симболизира победа над темнината, неправдата и системите што го газат човечкиот живот. Ден што треба да нè потсетува дека општество без одговорност и правда — не може да биде навистина слободно.
Но, за нас, ова не е само датум. Ова е уште еден ден во кој 63 семејства живеат со тишина што боли погласно од сè. Затоа и оваа сабота повторно излегуваме на „Маршот на ангелите“. Со достоинство. Со болка. Со непокор, пишува во повикот.
Маршот е закажан во 16 часот и 50 минути, од Паркот на Револуцијата во Кочани.
-Ќе чекориме за нашите 63 ангели. За вистината. За правдата што предолго ја чекаме. На ден кога Европа зборува за вредности, а светот за победа над фашизмот — ние прашуваме: Што вреди секоја декларација, ако човечкиот живот остане без правда? Нема вистинска победа над темнината додека институциите молчат, а одговорноста се разводнува. Ние немаме право да се откажеме. Затоа што тие ги немаат своите гласови — па ние ќе зборуваме за нив. Затоа, ги повикуваме сите граѓани, сите што веруваат во правда и човечност — да ни се придружат. Да покажеме дека нема да молчиме. Дека не забораваме. И дека 63-те ангели заслужуваат вистина, достоинство и правда. Дојдете. Чекорете со нас, пишува во повикот.