СДСМ и Левица не ја „купуваат“ приказната на власта за дијаспората
Двете опозициски партии тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ паѓа во анкетите и дека „бара нови политички патерици“ преку гласање на дијаспората
Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) повторно порача дека не се против правото на дијаспората да гласа, туку се против неконтролирани модели на гласање кои можат да отворат простор за изборни злоупотреби. На прес-конференција, портпаролката Богданка Кузеска рече дека премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да ја излажат јавноста преку прашањето за измените на Изборниот законик.
„Дијаспората има право да гласа. Тоа право го имала и досега и гласа според постојниот модел. Ние не сме против тоа право, туку сме против неконтролирано гласање кое отвора простор за масовна изборна кражба“, рече таа.
Кузеска праша зошто во земјава при гласањето се применуваат строги контроли, како идентификација, отпечаток од прст и други механизми, а за дијаспората се предлага електронско гласање без никаква реална контрола. „Дали тоа е демократски? Дали тоа е фер?“, праша таа.
Според неа, Мицкоски преку измените на Изборниот законик се обидува да обезбеди нов механизам за манипулација на изборниот процес, додавајќи дека веќе е познато оти ВМРО-ДПМНЕ има историја на изборни злоупотреби и дека во минатото се користени различни механизми за влијание врз изборите.
„Мицкоски знае многу добро зошто го турка ова решение. ВМРО-ОКГ има историја на кражба на избори. Пред десетина години видовме како се крадеа гласови, како се организираа паралелни структури и како се користеа сите можни механизми за манипулација. За нив кражбата на пари и кражбата на гласови е исто и во едниот и во другиот случај станува збор за криминал. Сега, кога веќе не им поминуваат лажините афери и дефокуси, се обидуваат преку Изборниот законик да си обезбедат нов механизам за манипулација“, кажа портпаролката.
„Нема да дозволиме некој да гласа наместо другите, ниту во Македонија, ниту од дијаспората. Ќе продолжиме да се бориме за фер и демократски избори, за реформи и за европска Македонија. Сè друго е само продолжение на истата стара игра – игра на изолација, манипулација и заштита на криминалот“, кажа Кузеска.
Од Левица исто така не му веруваат на Мицкоски. Според нивната анализа, дури и во нивните анкети Левица расте со пратеници, а Мицкоски изгубил 100.000 гласови, што не му се случило на друг досега.
„Не е случајно што ДПМНЕ ја прогласи дијаспората за своја единствена црвена линија кога и
нивните дебело платени анкети (платени од јавни пари) кои ги користи како доказ за сопствената непобедливост бележат пад на нивната поддршка. Наместо да се соочи со незадоволството што расте дома, Мицкоски политичкиот спас очигледно почна да го бара надвор од државата“, велат од Левица.
„Впрочем, тоа што денес го покажуваат дури и нивните анкети не е изненадување. ДПМНЕ стана првата власт што за само една година успеа да изгуби повеќе од 100.000 избирачи. Таков
политички пад се случува кога граѓаните ќе почнат да ја испорачуваат сметката за ароганцијата, неисполнетите ветувања и неодговорното владеење. Наместо да ја прочитаат пораката на граѓаните, тие тргнаа да бараат нови политички патерици“, оценуваат од Левица, повикувајќи го ВМРО-ДПМНЕ кога веќе прави анкети, да праша и нешто што е од корист на граѓаните, а не само за „билдање на ароганцијата на ДПМНЕ“.
„На пример, нека постават прашање: Дали го поддржуваат сегашниот изборен модел, во кој илјадници гласови остануваат без претставеност, а вредноста на гласот зависи од тоа во која изборна единица живее избирачот. Нека ги прашаат дали се за една изборна единица, со еднаква вредност на секој глас и поправедна распределба на мандатите“.
Според нив, не е тешко да се препознае зошто ВМРО-ДПМНЕ толку упорно и со различни
маневри бега од една изборна единица.
„Сегашниот модел е систем што со децении ги наградува најголемите партии, создава илјадници изгубени гласови и овозможува политичката моќ да биде поголема од реалната поддршка што ја имаат кај граѓаните. Анализата на резултатите од парламентарните избори, појаснуваат од партијата на Аапасиев, покажа дека доколку Македонија беше една изборна единица, ДПМНЕ немаше да има 58, туку 56 пратеници, додека Левица наместо 6 ќе имаше 8 пратеници. Тоа најдобро покажува дека сегашниот модел е механизам што им носи дополнителна политичка моќ на најголемите партии на сметка на еднаквата вредност на секој глас.
На крајот, не е проблемот што ДПМНЕ паѓа и на анкетите. Тоа е природна последица на лошото
владеење. Проблемот е што наместо да ја врати довербата со резултати, се обидува да ги менува
околностите во кои ќе се одвива изборната трка. Тоа е рефлекс на власт која првпат сфаќа дека
поддршката не е неограничен ресурс“, заклучуваат од Левица.