СДСМ го прашува ВМРО-ДПМНЕ каде се „компјутерите за секое дете“ место да критикуваат за онлајн наставата


СДСМ се брани од нападите на ВМРО-ДПМНЕ околу почетокот на онлајн наставата во училиштата и прашува каде се компјутерите за секое дете, за кое нивната влада потроши десетици милиони евра, бидејќи се виде дека тие не завршиле во училиштата.
-Онлајн платформата се уште е во тест фаза, ВМРО-ДПМНЕ не знае за ништо друго освен за деструкција и лажни вести. ВМРО-ДПМНЕ 11 години системски го уништуваше образованието на секое ниво, а денес, како опозиција продолжува со деструктивно однесување кое спротивно на учениците, наставниците и образовниот процес.

Несериозно, неодговорно и крајно незрело е да се напаѓа проект кој се уште официјално не е започнат и се уште се наоѓа во тест период. За прв пат во државата се воспоставува сложен и масовен онлајн систем и тоа се прави за исклучително краток рок. До утрово, на платформата успешно се вклучија 88.000 корисници, предизвици секако дека ќе има, но она што е важно е посветеноста и ангажираноста на сите вклучени страни во брзо надминување на предизвиците и воспоставување на целосно функционален систем на онлајн настава.

ВМРО-ДПМНЕ се последните кои имаат право да зборуваат за технологии во образованието, затоа што никој во државата не знае колку чинеше најголемата инвестиција во образовниот систем и каде завршија компјутерите за секое дете што вредеа десетици милиони евра, бидејќи кај учениците не завршиле воопшто. Потврда за тоа има и од Државниот завод за ревизија каде во извештаите јасно стои дека компјутерската опрема не била евидентирана, ниту пак бил почитуван законот за предавање на опремата на училиштата, порачуваат од владеечката партија.