Опозициската СДСМ ја обвини Владата дека манипулира со јавноста тврдејќи дека измените на Изборниот законик што тие ги предлагаат се услов за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграциите. Во партиското соопштение, СДСМ наведува дека Европската Унија не бара донесување на Изборен законик „по мерка на една партија“, туку инсистира на кредибилни, фер и транспарентни избори, независно судство и ефикасна борба против корупцијата.
„Иако подобрувањето на изборното законодавство е дел од пошироката реформска агенда, конкретните решенија што во моментов ги предлага власта не се обврска кон Европската Унија, ниту претставуваат услов за напредок во преговарачкиот процес. Тоа се нивни сопствени предлози, а не европски“, соопштува СДСМ.
Од опозициската партија тврдат дека предложените решенија отвораат простор за манипулации и контрола на изборниот процес, особено во делот на гласањето на дијаспората, оценувајќи дека наместо да се заштити изборната волја на граѓаните, се врши притисок да се прифатат решенија што, според нив, овозможуваат изборни злоупотреби.
СДСМ оценува дека вистинската пречка за европската интеграција не е опозицијата, туку, како што наведува, неспроведувањето на суштинските реформи од страна на Владата.
„Фер избори се предуслов за ЕУ, а не закон напишан за да се обезбеди предност за власта. Сè друго е обид да се прикрие сопствената неспособност и корупција зад европската агенда“, се наведува во партиското соопштение.
Од Левица пак ја обвинија СДСМ дека поради договор со премиерот Христијан Мицкоски не дозволиле опозициско обединување за една изборна единица.
„
Постојат политички чинови што се мерат во дневни поени и постојат чинови што се мерат во историски пресуди. Одбивањето на СДСМ да се вклучи во опозициско обединување околу една изборна единица припаѓа на вториот вид и претставува свесна саботажа!
СДСМ останаа цврсто на тајниот договор со ДПМНЕ за Изборниот законик да остане недопрен – како оперативна спогодба меѓу актерите на стариот поредок со цел овој модел да преживее бидејќи токму тој модел ги храни нив и оди на штета на Левица. Секој од нив, преку многумандатни изборни единици нацртани со хируршка прецизност тежнеат да ја заштитат сопствената положба и обезбедуваат пратенички места несразмерни со реалната тежина што ја имаат кај граѓаните.
Секој обид Изборниот законик реално да се допре во суштината, наидува на идентична одбрана – различна по реторика, идентична по исход. ДПМНЕ игра една улога, СДСМ друга, но резултатот е секогаш ист. Опозициско обединување за една изборна единица би можело конечно да го скрши тој циклус, да наметне заедничка сила пред авторитарната власт на ДПМНЕ. Но, СДСМ гледајќи поголем ризик во непочитувањето на договорот со Мицкоски, отколку во непочитувањето на ставот на нивното членство и нивните принципи – одлучи идејата да згасне уште во зародиш, оценува Левица.
Според оваа партија, ако некому му треба доказ дека овие раководства на партиите не се непријатели, туку партнери во распределбата на моќ, да се осврне на вчерашната ослободителна пресуда за Груевски во предметот „Талир 2“ и одбивањето за конфискација на Белата палата.
„Правната подлога за таа пресуда и уште многу други застарени предмети за функционери од ДПМНЕ – директно произлезе од скандалозните измени на Кривичниот законик од 2023 година кои СДСМ и ДПМНЕ заедно ги донесоа. Истите раководства кои јавно глумат непомирлив судир, во пракса, кога станува збор за заштита на функционери, амнестии или за заштита на изборен систем што им оди во прилог, наеднаш пронаоѓаат заеднички јазик, тактика и кворум.
Овие две партии веруваат дека со тоа истовремено ѝ штетат на Левица и си обезбедуваат сопствен опстанок – преку изборниот модел и повторната неможност за политичко рекламирање на Левица (како единствена партија на која тоа право и е ускратено). Меѓутоа, се лажат. Договорите зад затворени врати можат да го отежнат патот, но не можат да ја избришат сѐ поголемата поддршка од народот. Скопје веќе покажа дека таа поддршка не чека дозвола од Собранието за да се манифестира.Секој нов договор помеѓу СДСМ и ДПМНЕ само го продлабочува јазот за тоа што овие партии сè уште мислат дека контролираат и тоа што реално веќе им се лизга од раце“, порачува Левица.
Реално, ако не се смени Изборниот законик Левица ќе биде оштетена како партија на изборите, покрај независните а можно е тоа да им се случи и на други помали партии. Начинот на кој се водат преговорите зад затворена врата за Изборниот законик (претходно барем беа транспарентни) сугерира дека измените ќе се донесат во пет до дванаесет за да се има оправдување бидејќи со нив освен некоја козметичка промена, нема да има ништо суштинско што ќе го измести постојниот распоред на силите, што ќе им ги скрати парите и што ќе обезбеди терен за вистински фер натпревар на партиите. Практично се случува веќе виден театар.
Дека е така, потврдува и ставот на ВМРО-ДПМНЕ на кои оддеднаш дијаспората им стана толку важна што заради неа не треба да помине законот.
„Едните демек повикаа опозицијата да седне и да разговара, а другите демек не ја прифатија понудата. Ова е само провидна игра на опозицијата, со која единствената цел е да не се олесни гласањето на дијаспората и да не се донесе нов Изборен законик“, вели портпоралот на партијата, Валентин Манасиевски.
Причините ги лоцира во обидот за купување алиби за следниот изборен циклус.
„Едните ќе се жалат дека не се внесени препораките на ОБСЕ и ОДИХР во новиот Изборен законик, другите ќе се жалат дека немаат повеќе пари за рекламирање, а третите ќе се жалат дека немало да се почитува волјата на граѓаните“, опиша Мансиевски.