СДСМ: Билбордот е најмалиот проблем во Скопје – но покажува колку е нестручен градоначалникот Орце
Срамниот билборд на влезот во Скопје со коњ со пет нозе, мост како вијадукт без крај и белградски храм, не е најголемиот проблем на главниот град. Тој е само највидливиот доказ за нивото на нестручност и аматеризам на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и ВМРО-ОКГ, се вели во соопштението од СДСМ.
„Додека градоначалникот се оправдува со „печатни грешки“ и AI-генерирани слики, Скопје се соочува со многу посериозни проблеми кои директно го погодуваат секојдневниот живот на граѓаните.
Јавниот превоз е во хаос. Редовноста е на ниско ниво, возилата се стари, а граѓаните секојдневно губат часови во чекање и во преполни автобуси.
Ѓубрето се собира нередовно, контејнерите прелеваат, а делови од градот се претворија во депонии на отворено. Чистотата на јавните површини е на ниво кое не доликува на главен град.
Сето ова е резултат на години на лошо управување, отсуство на планирање и систематско занемарување на основните функции на градот.
Градоначалникот Орце и ВМРО-ОКГ покажаа дека не се способни да се справат ниту со најосновните работи – од чистење на градот, преку јавен превоз, до елементарна промоција на Скопје.
Наместо да се занимава со вистински проблеми, градоначалникот произведува срамни билборди и потоа се правда со технички изговори.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски мора веднаш да достави целосни информации:
• Кој ја изработи спорната графика за билбордот?
• Колку е платено за AI графичкото решение?
• Колку е платено за печатење и поставување на билбордот?
• Дали е спроведена јавна набавка согласно законот?
Граѓаните на Скопје не заслужуваат градоначалник кој не може да го реши ѓубрето, а се занимава со AI-кампањи и крие информации околу трошењето на јавните пари“, се вели во соопштението на СДСМ.