СДСМ бара одговор од УЈП зошто не ја затворила дискотеката во Кочани

Опозициската СДСМ бара одговори од надлежните каква била улогата на Управата за јавни приходи во трагедијата во Кочани.
Според податоците објавени во Бизнис мрежа, фирмата ‘ММММ Кафе’, сопственик на дискотеката ‘Пулс’, работела со блокирана сметка дури 217 дена. Евидентирана блокада, која сѐ уште не е тргната, била заведена на 16 август 2024 година.
Организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски денеска на прес-конференција праша дали Управата за јавни приходи требала да го затвори клубот уште во септември 2024 година?
Според член 117 од Законот за стечај, ако фирма има блокирана сметка повеќе од 45 дена и не исплаќа плати и придонеси подолг период, УЈП има законска обврска да поднесе барање за отворање стечајна постапка и да предложи мерки за обезбедување на имотот.
„Ако блокадада била заведена на 16 август 2024 година, тоа значи дека веќе до крајот на септември Управата требала да постапи, а клубот ‘Пулс’ требал да биде затворен.
Но, клубот продолжил да работи. И 59 животи беа загубени.
Ова не се технички грешки. Ова се системски прашања. Затоа, денес, СДСМ поставува неколку директни, но неопходни прашања до истражителите, до МВР, до Јавното обвинителство:
– Дали е точно дека Управата за јавни приходи не постапила по своја законска обврска согласно член 117?
– Кој во УЈП бил надлежен да го поднесе барањето за стечај и зошто тоа не било направено?
– Дали некој ја стопирал постапката? И ако да – зошто? Со каква цел?
– Дали ова е уште еден случај на неажурност, или станува збор за заштита на нередовности и политички врски?“, рече Мартин Костовски.