Савески веќе разочара

Савески наводно жали за оставката на Ристоска, а знаел два дена претходно дека ќе се случи тоа ако ѝ ги земе предметите за ВМРО-ДПМНЕ


Новиот државен јавен обвинител не е ни две недели на функцијата, а неговото име не се симнува од медиумите. Две недели откако даде заклетва со ветување за независно обвинителство, веќе изгледа пристрасен и разочарува. Две недели откако не разбрал колку предмети има со дадени овластувања и на кого, а веќе знаеше да ги укине тие дадени на Ленче Ристоска.

Две недели е на оваа жешка функција, а сѐ уште не спомна ни „К“ од корупција или криминал, со најсилна најава дека ќе воведува ред во обвинителствата и во давањето шанса, бидејќи сите биле исти за него – и обвинителите, и предметите. И, едвај јавноста испеа да му ја прочита биографијата, а тој веќе двапати изрази жалење за процесите што сам ги покрена, а прави „иш“, како да нема никаква улога. 

Така, денес повторно изрази жалење за оставката на обвинителката Ленче Ристоска, една од ретките што се бројат на една рака која собра доблест да се спротивстави на власта заради политичките притисоци. И, онака попатно кажа дека за оставката дознал од СМС порака од обвинителката, иако два дена претходно имал најава дека ако ѝ ги земе случаите и проба да ја сведе на „фикус“, ќе се повлече од функцијата. Колку време мисли Савески дека ќе ѝ треба на јавноста за дефинитивно да ја сфати неговата улога во актуелните процеси во државата, додека потезите што ги прави упорно ги продава како техникалии?

Иако сѐ уште има такви кои сметаат дека треба да му се даде време и шанса да покаже што работи, јасно е дека тој веќе ѝ заработи голем минус на Македонија во следниот извештај на Европската комисија, каде јасно ќе стои дека еден од неговите први потези беше да ја смени обвинителката која ги водеше двата најголеми предмети против владејачката партија.

Од оваа временска дистанца, повеќето оценки овие два дена се дека во „најрозевото сценарио“ едниот предмет на Ристоска ќе застари, а вториот ќе биде повлечен, така што уште сега може да му се постави и прашањето – како ќе ја преземе одговорноста кога неговата „техничка одлука“ ќе ги „потопи“ и овие два важни предмета на СЈО? Поважни ли се овластувањата (кој во кое обвинителство работи) или суштината на предметот, т.е. сомнежот за висока корупција? Ќе си даде ли тогаш оставка за ваквото уривање на шансите да завладее правдата во Македонија, работа за која е платен со пари од граѓаните? И, дали е обвинител само за една употреба – кој е тука не за да сработи нешто, туку за да не сработи и да си оди, но со завршена работа за власта? Со што и како го убедиле да се нафати на оваа функција на која сите изгореа, и можно ли е да верува дека го изгласале за да биде „куќен редар“ во обвинителството?

Иако откако е избран упорно се оградува со тврдењата дека политика не го интересира и дека нема да коментира повици и прозивки од политичари, биле власт или опозиција, во Македонија веќе никој не верува на збор, туку се следат делата. А, тој за енормно краток рок повлече потези кои власта јавно ги посакува и со нив лицитира две години, при што начинот на кој ги урна предметите против ВМРО-ДПМНЕ јасно покажува дека ништо од тоа што го прави не е моментална инспирација, туку јасно смислена стратегија на „јуриш“ да се инсталира структура наклонета кон владејачката партија, т.е. како што вели Димитар Апасиев, на голема врата да се вратат кадрите од тефтерчињата.

Савески по сѐ изгледа ја има задачата да ја спроведе последната демонтажа на случаите на СЈО и другите против личности од ВМРО-ДПМНЕ, а дилемата е само до каде ќе оди: дали само ќе „жали“ или ќе ѝ суди на Ристоска со сите други во СЈО, дали ќе расчисти со сите „популарни“ и „фаворизирани“ обвинители (како што ги опиша самиот), или само ќе ги направи декор во обвинителствата. Дилемата е и кои и колку случаи ќе паднат со неговите технички изуми и дали ќе го прошири своето влијание надвор од неговото обвинителство, т.е. и во тоа на Ислам Абази за организиран криминал и корупција, бидејќи веќе е јасно дека го контролира Советот на јавни обвинители и преку него може да ја менува структурата и таму.

Трагедијата од сето ова е што исчезна уште една надеж дека нешто ќе се смени во државата и дека дури и една ваква меѓународна, без дамка биографија може да заврши за една политичка употреба. Савески деновиве ги убедуваше новинарите дека секое негово ставање во контекст на политиката лично ќе го сфати како навреда. Дури и да е така и зад сѐ што прави да стои чиста намера, смената на Ристоска, чиј рејтинг во јавноста тој може да го сонува, смената на обвинителкара за предметот со полицајците во Кочани и повикот до ЗНМ да му гарантира етички стандарди кај новинарите – се дамки од кои тешко ќе се амнестира како прв човек на обвинителството.

Со ваков лош почетокот, каков ли ќе биде крајот – страшно е и за размислување. Уште повеќе што премиерот Христијан Мицкоски, засилен од фактот дека никој не може политички да го загрози во моментов, не ни крие пред јавноста дека го „владее“ и што практично нема крупно барање на ВМРО-ДПМНЕ што тој веќе не им го исполни. Помалку или повеќе, сите реакции во јавноста одат во тој правец.