Самоопределување на Курти победи на изборите во Косово, но нема мнозинство


 

Владејачката партија Самоопределување на премиерот Албин Курти на денешните парламентарни избори освои 37 отсто од гласовите, покажуваат првите излезни анкети што ги објави порталот „Репортери“. Анкетата на весникот „Коха“ пак покажува поголем удел на гласовите за Самоопределување – 42 отсто.

Според „Репортери“ на второ место е Демократската партија на Косово со 23 отсто, а на трето е Демократскиот сојуз на Косово со 20 отсто.

Според анкетите кои ги објави телевизијата Клан Косова, владејачката партија Самоопределување освоила 38,2 отсто од гласовите на денешните парламентарни избори во Косово.

На второ место е Демократската партија на Косово со 21,4 отсто, Демократскиот сојуз на Косово на трето место со 20,1 отсто, а Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај на четврто со 7,6 отсто од гласовите.

Тоа би значело дека во новиот парламент самоопределување ќе има 43 од вкупно 120 пратеници, Демократската партија на Косово 25, Демократската лига на Косово 23, а Алијансата за иднината на Косово девет.

Според „Коха“ Самоопределува ќе има 47 места, Демократската партија и Демократскиот сојуз по 23, а партијата на Рамуш Харадинај седум пратеници.

Во парламентот има 120 места, од кои 20 се наменети за националните малцинства.