Само за камати за стари долгови плаќаме 1,3 отсто од БДП


zuerich3b.tif

Македонија само за камати во однос на претходно земени кредити годинава ќе плати над 152 милиони евра кон доверителите.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, обраќајчи се на 21. Годишна конференција на Македонската берза, што денес се одржува во Охрид, рече дека во моментов 1,3 процентни поени од БДП како економија плаќаме камати во однос на претходните долгови.

Во најновото соопштение на Државниот завод за статистика за домашниот бруто-производ во вториот квартал годинава, стои дека во 2021 година БДП според производствениот метод по тековни цени изнесуваше 723,23 милијарди денари  или околу 11,7 милијарди евра, што значи дека  за камати се одлеваат над 152 милиони евра.

Инаку, Бесими во обраќањето во Охрид истакна дека за да имаме одржлив раст и за да имаме одржливи финансии, потребно е преструктуирање на целиот систем, во смисла да можеме да враќаме повеќе отколку што се задолжуваме.

„Ние сме веќе во линија на тоа што се фискални правила, имаме донесено Закон за буџети, каде што се фискалните правила, Фискалниот совет, тоа значи поголема транспарентност од аспект на јавните финансии“, рече Бесими, додавајќи дека и во делот на развојот на финансиските пазари се носат нови закони во однос на воведување на финансиски друштва, нови фондови, како и за развојот на финансискиот пазар за што е донесена стратегија за развој на финансиските пазари во нашата земја, која според Бесими ќе значи поголем и поуспешен пазар.

Тој исто така рече дека во делот на финансирање на потребите за буџетот се најавени неколку новини.

„Оваа година објавивме уште една обврзница за денационализација од шест милиони евра. Колку што знам најголем износ на тргување со обврзници се државните обврзници на берзата. Се очекува, согласно законот, наредната година да имаме уште една обврзница за денационализација“, рече Бесими.

Тој најави и вклучување на граѓаните во развој на финансиските пазари, за што е најавена поголема обука на граѓаните во однос на можностите за финансирање на финансиските пазари, како и на претпријатијата кој се повеќе гледаат на берзата како уште една можност за финансирање.

Бесими се осврна и на најавата за нови финансиски инструменти, како што се зелени обврзници, развојни обврзници, обврзници индексирани со инфлацијата, како и уште една обврзница која што е уште во фаза на анализи и обработка. Станува збор за обвзници со нула купон , без каматна стапка, а всушност би биле за повлекување на кешот од стопанството од времето на транзицијата па наваму.

„Но, за да се развие овој процес успешно, има многу предизвици во смисла на капацитет на нашите институции, за овој капитал да влезе во банкарскиот систем и да се намали сивата економија. Доколку се покаже како успешна може да се спроведе годинава“, рече Бесими.

Во обраќањето Бесими исто така посочи дека се соочуваме со економски предизвици, за кои мора да имаме брзи и ефикасни одговори, но во исто време да ги држиме долгорочните определби и патеки.

„Кога се случуваше ковид кризата во текот на 2020 година постојано се зборуваше за нова нормала. Тогаш само можевме да претпоставиме што тоа значи, а сега таа станува реалност. Тоа е криза една после друга или една врз друга, или сите заедно, живееме во време на криза каде што приватниот сектор, финансиите, дури и носителите на јавните политики треба да реагираме брзо и да се навикнеме да подготвуваме политики што ќе бидат одржливи и да реагираат на кризите, но притоа да не се заборават реформите и развојот“, рече Бесими, додавајќи дека се потребни реформи што ќе значат одржлив раст на среден и на долг рок.

„Нашата заложба останува растот на нашата земја од просекот од околу два отсто да го дуплираме“, рече Бесими.

Зборувајќи за најавените даночни реформи, тој рече дека покрај реформи во делот на финансирањето, исто така станува збор и за реформи во делот на приходите.

„Главна цел е даночен систем кој ќе го поддржи растот на економијата на среден и долг, кој ќе биде потранспарентен и поправичен, а исто така и промовирање на таканареченото зелено оданочување односно во поддршка на зелената транзиција и дигитализација“, истакна Бесими. (М.Ј.)