Само едно застанување на граничниот премин „Табановце“


Од први август ќе почне да се спроведува заедничкото царинење меѓу Северна Македонија и Србија. Договорот е потпишан меѓу двете земји, а ќе го олесни  поминувањето на патниците, но и на транспортерите.

За патниците и транспортерите што од Србија ќе се движат кон Северна Македонија српската гранична служба ќе спроведе излезна контрола на територијата на нашата држава, додека за оние што патуваат од Северна Македонија кон Србија излезната контрола македонските гранични служби ќе ја спроведат на територијата на Србија, на граничниот премин „Прешево“.

Царинските служби на двете држави во примената на оваа процедура ќе користат еден заеднички објект на граничниот премин каде што ќе се вршат граничните формалности.

Заедничкото царинење е и едно од барањата на транспортерите, кои сметаат дека со ова ќе се олесни процесот на транспортот и превозот на стоки.

– Она што за превозникот значи забрзување на движењето на возилата директно влијае и на сите правни субјекти што тргуваат со стоки и во увозната и во извозната постапка, а тоа се одразува и врз ефикасноста и врз нивните работи во државата. Со еден збор, ова има позитивен ефект врз целото стопанство на нашата држава, истакнуваат транспортерите.

Заедничка контрола, покрај на граничниот премин „Табановце“, се подготвува и на железничкиот премин „Табановце“ и на „Ќафасан“ кон Албанија.

Во граничните контроли претежно се вклучени органите што се одговорни за контрола на движењето на лица, стока и превозните средства, како и спроведување на царинските формалности, со цел да се применат важечките прописи. Повремено, по потреба, се вклучуваат и други надлежни органи за спроведување на други законски прописи од интерес и важност за државата и граѓаните, како што се оние во областа на јавното здравје.