Само 4,5 отсто од населението во руралните средини бара информации на веб страните на општините


Само 4,5% од населението во руралните средини се информира за работењето на општините преку нивните веб страни што упатува на фактот дека електронските алатки за комуникација со општините речиси и да не се користат. Одењето на шалтер директно во институцијата е сеуште најкористен начин за комуникација со локалната администрација и добивање на услугите за дури 48% од населението во руралните средини. 

Од друга страна пак, дури 56,8% сметаат дека електронското издавање на локалните услуги ќе го намали времето на чекање за добивање на услугите, ќе се зголеми ефикасноста на администрацијата, но и ќе се овозможи еднаков пристап на сите граѓани до услугите. Она што ги спречува во користењето на е-услугите се недоволно информации за достапноста на електронските услуги, недоволно развиени дигитални вештини и познавања на дигиталните алатки за комуникација со општините, отсуство на упатства чекор-по-чекор за добивање на услугите, но и недоволна сигурност во електронското издавање на документи. Сметаат дека отворањето на инфо точка во секоја од општините за е-услуги многу ќе го олесни преминот од шалтер кон електронско издавање на услугите.   

Но, токму тука се соочуваме во втората страна на приказната, односно со предизвиците со кои што се соочуваат малите и рурални општини во процесите на воведување и имплементација на е-услугите, при што би го ставиле акцентот на огромниот дигитален јаз кој што постои помеѓу урбаните и руралните општини, како и степенот на развој локалните е-услуги, што пак се јавува како резултат на недоволната ИКТ структура во општината, недостиг на човечки ресурси кои што би работеле како директна поддршка на локалното население, недоволно капацитети за целосно електронизирање на поголем број на услуги кои што ги издава општинската администрација. 

Ваквите резултати и заклучоци произлегуваат од 9-месечниот засилен мониторинг и работа на терен со локалното население и општините Кривогаштани, Старо Нагоричане и Врапчиште, а во насока на унапредување на достапноста на квалитетни локални е-услуги кои што ќе ја олеснат секојдневната комуникација на граѓаните со општините, но и ќе овозможи активно вклучување на граѓаните во процесите на креирање на е-услугите на начин кој што е прилагоден на нивните потреби, а воедно и лесно достапен и разбирлив за употреба. 

Всушност тоа се и дел од препораките кои што произлегоа од спроведувањето на проектните активности во руралните општини, односно развој и унифицирање на достапните е-услуги согласно потребите на граѓаните, поддршка во процесите на децентрализација за изградба на ИКТ структура која што ќе овозможи целосна електронска достапност на потврди, решенија за платен данок, пријавување на локални проблеми, добивање на информации, што пак беше истакнато како најчесто барани и користени услуги од страна на населението. Зајакнување на свеста кај локалното население, зголемување на довербата во системот за електронското издавање на документите и безбедноста на интернет комуникацијата, како и зајакнување на дигиталните вештини и кај локалното население и кај локалната администрација во општините, зголемување на достапните информации поврзани со процесите на дигитализација на услугите се главните препораки кои што произлегоа од трите мониторинг извештаи кои што граѓаните ги изработија во трите општини Кривогаштани, Старо Нагоричане и Врапчиште, а кои што ќе треба да се реализираат во наредниот период како општините би фатиле чекор со националните процеси на дигитализација, реализацијата на Дигиталната агенда на државата и би овозможиле брз, ефикасен и квалитетен пристап на граѓаните кон локалните услуги.