Само 10.000 од 170 илјади земјоделци електронски аплицирале за субвенции
Минатата година само 10.000 земјоделци електронски аплицирале за субвенции, а според статистичките податоци, во земјава има околу 170.000 земјоделски стопанства. Земјоделците многу тешко или воопшто не се прилагодиле и на новите услови што ги наметна пандемијата, да се комуницира онлајн, преку интернет. Дали сите имаат компјутери, смарт телефони и пристап до интернет, отвориле ли е-меил адреси и за што ги користат, дали поседуваат платежни картички, дали слушнале за електронско издавање имотни листови и лични документи или за страницата „услуги.гов.мк“.
На овие прашања треба да одговори проектот „Дигитализациjа во земjоделството – СЕГА!” што следните 18 месеци ќе го спроведува Рурална коалиција во соработка со Минисерсството за земјоделство и Агецијата за поттикнување на развој на земјоделството. Опфатени ќе бидат пет општини: Кривогаштани, Кичево, Врапчиште, Старо Нагоричане и Струмица. Активностите ќе почнат со теренско истражување, но се предвидува и отворање прв центар (канцеларија) за е-поддршка на локалното рурално население.
Како што беше речено на денешната онлајн промоција, основната цел на проектот е зголемување на дигиталната писменост на земјоделците, но и на довербата во институциите за поголема употреба на електронските услуги во земјоделството и руралниот развој.
– Минатата година најмногу увидовме колку ни е потребна дигитализацијата во земјоделството. Најтешко се прилагодивме од сите сектори, посебно во делот на онлајн комуникацијата. Се работи многу во овој сегмент, но сепак малку се знае за е-услугите и за начинот на нивното користење. Се уште нема доволно доверба кај луѓето за електронските документи, дали се тие валидни или не, дали имаат печати, потписи, колку се сигурни, дали користењето на е-услугите значи некакво дополнително финансиско оптоварување, наметнува ли некакви дополнителни плаќања. Сите овие дилеми што реално, во пракса постојат, мора да ги разрешиме, рече извршната директорка на Рурлана Коалиција Лилјана Јоноски.
Редно е, додаде таа, да се менува свеста кај руралното население, да се прифатат и да се научат промените.
– Кога се зборува за дигитализација, јасно е колку тешко одат овие процеси. Многу е важно заеднички да ги унапредиме процесите и на рурланото население да му го олесниме секојденвното живеење. Проектот предвидува организирање и отворени денови токму за е-услугите, но ќе се воспостави и рурална дигитална платформа. Локалниот центар за е-поддршка, пак, постојано ќе биде отворен за локалните жители и буквално ќе им покажува како се користат соодветните е-услуги. Во центарот, најмалку 250 жители од рурланата заеница ќе имаат пристап до минимум десет најкористиени електронски услуги како вадење обрасци М1 и М2 или потврда за платени придонеси, објасни Јоноски, додавајќи дека во рамки на проектот ќе се разменуваат искуства со земјите во регионот, Србија, Косово и Црна Гора.
Рурална коалициjа е една од трите македонски организации кои станаа дел од мрежата ИЦЕДА – Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда. Овој проект, финанисран од ЕУ, чија цел е да ги промовира дигиталната писменост, вештините за користење е-услуги, но и вклученоста на граѓанството во дигиталната трансформација на земјата, кај нас го спроведува Фондацијата Метаморфозис. ИЦЕДА се спроведува и во Естонија, Албанија, Србија, Црна Гора и Косово.
-Проектот е на регионално ниво, зашто јавноста нема многу знаење за дигиталната агенда како иницијатива на ЕУ, ниту за процесите на дигитална трансформација на национално и локално ниво. Во регионот постојат многу е-услуги на јавните институции за граѓаните – вадење дозволи, регистрирање нови бизниси, плаќање комунални услуги, сметки, но не ги користат сите поради неинформираноста, недостиг на дигитални вештини, ниска доверба во системот – дали е безбедно да се пристапи кон таа услуга, дали е валидна постапката, дали може да создаде некои проблеми или ќе предизвика некакви дополнителни плаќања. Проектот ќе се организира голем број обуки за одредени целни групи за значењето на дигиталната трансформација, но и за довербата во интернет услугите. Воедно, ќе се залагаме и за нови е-услуги, рече Мила Јосифовска Даниловска од Метаморфозис.
Целта е да се искористат придобивките од дигиталната трансфорамција, граѓаните да имаат вештини да одговорат на барањата на новата економија, да биде подобра организацијата на администрацијата, да се зајакне сајбер безбедноста, да се зголеми поврзаноста и да се подобри деловната клима.