САД претставија нова апликација за „самодепортација“ на мигранти


 Администрацијата на актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, денеска претстави нова апликација што ќе им овозможи на мигрантите во САД да се „самодепортираат“, наместо да се соочат со можен притвор и депортација.

Оваа иницијатива е дел од заложбите на Трамп за депортација на илегалните имигранти.

Апликацијата на Американската царинска и гранична заштита, наречена CBP Home, ќе им овозможи на луѓето да го пријават своето „намерно заминување“, соопшти агенцијата.

– Апликацијата CBP Home им дава можност на странците веднаш да заминат и да се депортираат самите, што им остава шанса да се вратат легално во иднина и да ја остварат својата американска мечта, изјави секретарката за внатрешна безбедност, Кристи Ноем. – Ако не го сторат тоа, ние ќе ги пронајдеме, ќе ги депортираме и никогаш повеќе нема да се вратат, потенцираше таа.

Трамп вети дека ќе депортира рекорден број мигранти кои нелегално престојуваат во САД. Сепак, досегашните бројки на депортираните се пониски од просечниот месечен број за фискалната 2024 година под поранешниот претседател Џо Бајден, иако тогашните депортации главно вклучуваа мигранти што неодамна ја поминале границата.

Администрацијата на Трамп презеде и други мерки за зголемување на притисокот врз илегалните имигранти да ја напуштат земјата.

Според нова регулатива што стапува во сила на 11 април, лицата без легален статус ќе мора да се регистрираат пред федералните власти или ќе се соочат со казни или затвор.

Апликацијата CBP Home ја заменува претходната CBP One, која беше воведена за време на администрација на Бајден и им овозможуваше на околу еден милион мигранти во Мексико да поднесат барање за влез во САД преку официјални гранични премини