САД одобрија пакет од 310 милиони долари за поддршка на Украина за „Ф-16“


 

Американскиот Стејт департмент одобри продажба на обука и техничка поддршка за „Ф-16“ и сродна опрема на Украина за вкупно 310,5 милиони долари, објави Агенцијата за соработка во одбранбената безбедност (ДСЦА) на Пентагон на својата веб-страница.

Пакетот вклучува: надградби на авионите „Ф-16“; обука на украински персонал; оперативна и техничка поддршка; резервни делови, потрошен материјал и комплети за поправка; испорака и сервисирање на копнена опрема. Исто така, вклучува помош со класифициран и некаласифициран софтвер; пренос на техничка документација, публикации и референтни материјали; инженерски студии, технички инспекции и логистички услуги и од владата на САД и од приватни изведувачи.

Како што нагласи Стејт департментот, иницијативата служи на целите на американската надворешна политика и националната безбедност. Целта е зајакнување на одбранбените способности на Украина, која САД ја сметаат за важен партнер и „сила за политичка стабилност и економски напредок во Европа“. Поддршката ќе ја зголеми способноста на Украина да се спротивстави на тековните и потенцијалните закани, ќе обезбеди висококвалитетна обука на украинските пилоти и ќе ја подобри интероперабилноста на украинските воздухопловни сили со воздухопловните сили на САД преку интеграција во единствен систем за обука и одржување, ДСЦА.

„Оваа одлука е во согласност со напорите на меѓународната коалиција за воспоставување на украинска програма за ‘Ф-16’ и целокупната модернизација на украинските воздухопловни сили. Украина ќе може непречено да ја интегрира опремата и услугите што се обезбедуваат во своите вооружени сили“, се вели во соопштението на ДСЦА.