САД ќе воведат царини за полупроводници
Американската администрација подготвува нова царинска рамка за увоз на полупроводници, изјави денеска министерот за трговија на Соединетите Американски Држави, Хауард Лутник, и додаде дека сите релевантни компании се свесни за претстојните мерки.
– Она што ќе го видите е таргетирана и промислена царинска политика која во суштина порачува дека ако произведувате тука (во САД), не плаќате ништо, но ако не произведувате тука, очекувајте дека ќе платите за влезот на најголемиот пазар во светот – изјави Лутник за Си-ен-би-си (CNBC).
Тој нагласи дека целта на оваа политика е преместување на производството на чипови на територијата на Соединетите Американски Држави.
Лутник со оваа изјава ги потврди наводите на бриселскиот портал „Политико“ од минатата недела, кој најави дека Белата куќа го разгледува овој потег.
Говорејќи за неодамнешниот неуспех во преговорите за трговскиот договор со Канада, поради што стапија во сила американските царини од 50 проценти за канадската стока, Лутник ги повтори обвинувањата на сметка на Отава. Тој наведе дека канадските преговарачи непосредно пред истекот на рокот почнале да додаваат „нереални барања“, пред сè во врска со извозот на средни и тешки камиони.
– Прашав еден од нивните министри дали намерно се обидуваат да ги срушат преговорите, на што тој ми одговори дека не му е дозволено да го каже тоа. Го срушија договорот исклучиво од политички причини – изјави Лутник, признавајќи истовремено дека и американската страна во последниот момент изнела дополнителни барања.