САД ги укинуваат визите за Романците
На 10 јануари ќе биде објавено официјално укинување на американските визи за граѓаните на Романија. Ова ќе се одржи на состанокот во Вашингтон меѓу секретарот за внатрешна безбедност Алехандро Мајоркас и романскиот амбасадор во САД Андреј Мурару, објави американската амбасада во Букурешт преку објава на Фејсбук.
На оваа средба претставникот на американската влада официјално ќе го информира претставникот на романската држава за одлуката на властите во САД
Романија да биде прифатена во програмата „Виза вејвер“, која овозможува безвизно патување во САД во период до 90 дена за туристички или деловни цели. Ќе бидат објавени техничките детали и датумот на стапување на сила на новиот американски режим на патување за државјаните на Романија, информираат од амбасадата.
Како резултат на одлуката на американската федерална влада, Романија ќе стане 43-та земја вклучена во програмата за укинување на визите, која дозволува безвизно патување до 90 дена за туристички или деловни цели.
Граѓаните на земјите вклучени во програмата за укинување на визите кои сакаат да патуваат во САД мора да се регистрираат за Електронскиот систем за овластување за патување (ESTA). Со вклучувањето на Романија во програмата, Романците нема да се појавуваат на интервјуа во американските дипломатски претставништва.
Дозволата за патување, која ги заменува претходните визи, важи две години и може да се користи повеќекратно за посети до 90 дена. Дозволата за патување чини 21 долар.
Бугарија ќе остане единствената земја-членка на ЕУ за чии граѓани САД бараат визи. Лани Бугарија се приближи до условите за укинување на визите. Во фискалната 2024 година бројот на одбиени туристички визи е 6,02%, а техничките барања на САД е да не надминува 3%.