ТВ-ѕвездата Елеонора Миљковиќ стана невеста: Време ми е да се мажам


Скопјанката Елеонора Миљковиќ (24), македонската претставничка во реалното шоу „Задруга 2“, во пауза од снимањето на шоуто, заедно со манекенката Андријана Илиоска, позираше како невеста во новите венчаници на дизајнерот Златко Јовановски (23), промовирани во февруари на Модната ноќ на невести во „Мериот“.

-Скоро со „Веста продукција“ направивме нова фотосесија за потребите на новата колекција. По сугестија на тимот фотографи, овој пат мојот бренд се појавува во ново светло, односно фотографиите се многу посуптилни, не го имаат оној наш препознатлив висок кич, но секако раскошот, сјајот и рачната работа на моделите се впечатливо присутни. Сликавме на неколку локации во Скопје, вели Јовановски.

Како дојде до соработката?

-Наши заеднички пријатели нè запознаа со Елеонора Миљковиќ, инаку дипломиран правник, на едно сликање и од тогаш меѓусебно сфативме дека си одговараме по темперамент и енергија за да ја продолжиме соработката. Неколкупати досега таа се појавувала на ТВ или на гала-настани во мои креации, па потоа решивме дека би била и добар модел за мојот најнов едиторијал. Сметам дека најголем впечаток оставивме кај јавноста кога Елеонора  се појави на црвениот килим на „Стори“ во моја креација. Ако смеам да кажам, доколку Нора остане во финалето на реалното шоу кое моментално се емитува, планирано е во финалето да носи креација од мојот бренд „JZJ by Zlatko Jovanovski, вели дизајнерот.

За новата колекција се користени висококвалитетни материјали донесени од Турција, Индија и Дубаи. Сите креации се со многу вез и рачно правени апликации, како и везени перли, мониста, стаклени камења и модни избори правени специјално за ревијата. Оваа колекција не се состои само од венчаници туку има вметнато и свечени и коктел фустани и е продолжение на сите претходни колекции на дизајнерот, со тоа што сега екстравагантните детали се посмирени, а експлицитните должини – искомерцијализирани.

– Публиката и клиентите кои редовно ме следат во изминатиов период гледаа слики и видеа од ревии во Виена, Лондон, Харбин, Кина и секогаш ме прашуваа: „Златко, кога и во Скопје?“ Успесите што во изминатиов период ми се случија надвор од Македонија уште повеќе ми ја зголемија тремата за ревијата тука, бидејќи од мене секогаш се очекува многу. А тука, дома, треба да го дадам својот максимум. И постигнав успех, вели Златко.

Претходно, српската старлета Сораја избра сексапилна тоалета на Јовановски за својот роденден, а српската јавност беше шокирана кога Сораја во ТВ-емисијата на Огнен Амиџиќ избра мини фустан, исто така, на дизајнерот со гола града.

Јовановски направи пробив и во Холивуд, кога манекенка од краткометражниот моден филм на поп-ѕвездата Тајга, поранешното момче на најмладата милијардерка Кајли Џенер, избра негова креација.

– Од неодамна дел од колекцијата што беше претставена на Модната недела во Харбин, Кина, е во шоурумот за сценска мода во Лос Анџелес, па така впрочем и овој фустан се најде токму на тоа снимање. Во шоурумот има многу дизајнери што изложуваат таму, но стилистите на Тајга го одбрале токму мојот фустан за потребите на снимањето. Честа е огромна, пресреќен сум –  ни изјави Јовановски.

Златко со своето модно студио во центарот на Скопје веќе пет години е на мапата на славната и богата клиентела од Македонија и од регионот, а од неодамна отвори и студио во Тетово, од каде што потекнува.

Л. Сабит    Фото: Приватна архива