Руте во посета на Босна и Херцеговина


Брисел– Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска ќе престојува во Сараево во еднодневна посети Босна и Херцеговина. 

Како што соопшти НАТО, предвидено е Руте да се сретне со членовите на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, Жељко Комшиќ и Денис Беќировиќ, со претседавачката на Советот на министри, Борјана Кришто, како и со министрите за надворешни работи Елмедин Конаковиќ и за  одбрана Зукан Хелез и со в.д. министерот за безбедност Ивица Бошњак.  

Покрај средбите со претставниците на босанските власти, Руте ќе ја посети и Командата на силите на НАТО во БиХ на аеродромот Бутмир, а ќе се сретне и со меѓународниот висок претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит и со претставници од Европската Унија во Сараево. 

Предвидено е Руте да го посети и Универзитетот во Сараево, каде ќе има обраќање пред студентите, по што ќе следи и размена на мислења со нив. 

Утре, пак, Руте, придружуван од заменичката генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, ќе предводи делегација на Северноатлантскиот совет што ќе го посети Косово.