Руслана, победничката на Евровизија: „Светот ќе ни помогне и ќе ја запре војната“

Украинската пејачка Руслана, победничката на Евровизија во 2004 година, се огласи по повод рускиот напад на Украина. Таа во објава на Инстаграм истакна дека е сигурна дека светот ќе се обедини и ќе застане на страната на Украина.
„Дојде утрото. Мора да собереме сила и да разбереме дека војната против Украина започна. Сигурен сум дека светот ќе се обедини и ќе застане на страната на Украина. Работевме многу години за да го натераме светот да нѐ препознае како земја која со векови страда поради рускиот режим. Светот ќе ни помогне и ќе ја запре војната“, ја започна својата објава Руслана на Инстаграм.
Таа додаде дека иако ситуацијата е исклучително тешка, се труди да остане смирена. Украинската пејачка ги повика сите кои се запознаени со официјалните информации да му помогнат на украинскиот народ.
„Сега најважна е локалната територијална одбрана. Собирам информации како да го направам ова и ќе ги објавам на Инстаграм. Пријатели, пишете ми јавно или приватно! Ни требаат проверени информации. Ова е клучен момент“, продолжи Руслана.
Претходните денови поранешната победничка на Евровизија во своите најави истакна дека ова е моментот кога уште повеќе верува во својата земја Украина.
„Сега се молам како никогаш досега и му се молам на Бога да ни даде сила и вера, бидејќи ние само сакаме да живееме, а никој нема право да ни ја одземе земјата под ‘каков било мит’. Дури и од Мајдан, потребата да се молам за Украина… за сè светло и чисто, за нас, остана во моето срце. Слава на Украина“, изјави украинската пејачка.