Руското освојување на Покровск можеби ќе почека, загубите се огромни


 

Руските сили продолжуваат полека, но стабилно да напредуваат кон Покровск во Донецката област, според најновиот извештај на aмериканскиот Институт за проучување на војната (ИСВ).

И покрај повеќемесечните напори за пробивање на одбранбените линии на Украина, темпото на рускиот напредок останува ограничено, делумно поради исцрпувачките офанзиви со големи загуби што Москва ги води истовремено на повеќе фронтови.

Според проценката на ИСВ, руската команда „веројатно ќе успее да ги освои Покровск и блискиот Мирноград“, но тој процес може да потрае многу подолго и да донесе поголеми загуби отколку што би било потребно доколку силите и ресурсите беа концентрирани исклучиво во таа насока.

Покровск, заедно со Авдиивка и Часив Јар, е еден од клучните урбани центри на западниот регион Донецк, чие освојување би го отворило патот за Русија кон подлабоките делови на украинската одбрана и би ги загрозило линиите за снабдување до Днепар.

Институтот, исто така, забележува дека руските сили ги користат магливите временски услови во последните недели за да ги интензивираат нападите, особено во правец на Хуљаипол и други области во источна Украина.

Маглата им го отежнува работењето на украинските извидувачки и борбени дронови, што Москва ја користи за да ги премести пешадиските и оклопните единици кон фронтовските линии.

Според ИСВ, повеќемесечната кампања на Русија за воздушно пресретнување на бојното поле – операции насочени кон онеспособување на украинските логистички и комуникациски центри – веројатно придонела за неодамнешните руски напредувања во областите Великомикајливка и Хуљаполе.

Сепак, аналитичарите истакнуваат дека овие успеси доаѓаат со висока цена, бидејќи украинските сили продолжуваат да ги напаѓаат руските задни области и снабдувачки патишта со прецизни удари.

Украинската армија, од друга страна, ја продолжува кампањата на напади од долг дострел врз руската нафтена инфраструктура, што беше потврдено повторно во ноќта помеѓу 10 и 11 ноември со серија напади врз рафинерии и складишта за гориво на руска територија. Ваквите напади имаат за цел да ја намалат способноста на Русија да ги наполни своите единици со гориво и да го одржи логистичкиот моментум на бојното поле.

На терен, според ИСВ, украинските сили напредувале во близина на Сиверск, додека руските трупи оствариле ограничен напредок во близина на Покровск и Хуљајполе. Аналитичарите истакнуваат дека руската стратегија сè повеќе се потпира на исцрпување на противникот и користење на бројни пешадиски сили во напади со помал интензитет, што ги продолжува борбите и го зголемува бројот на жртви од двете страни.

„Руската команда продолжува да води војна на исцрпување, забавувајќи го темпото на офанзивата и зголемувајќи ги сопствените загуби, и покрај локалните тактички успеси“, заклучува ИЦВ во својот извештај.