„Руска инвазија“ на Србија – се отвораат фирми, се делат државјанства…


Руси купуваат ресторани и отвораат фирми во Белград – српскиот печат зборува за „руска инвазија“. Не сите во земјава се заљубени во новите соседи. ДНК на Белград се менува под руско влијание, пишува „Дојче веле“.

Во Србија живеат околу 200.000 Руси, а приближно 30.000 од нив имаат дозвола за престој. Тие се добредојдени во земјата се додека не се изјаснат против политиката на Владимир Путин, коментира германскиот Тагесцајтунг. Доколку доселениците се кротки и не искажуваат политички ставови во јавноста, српските власти ги оставаат на мира. Во спротивно, сепак, на Русите се гледа како на безбедносна закана.

Речиси 7 илјади фирми на Руси во Србија

Војната во Украина одамна стана секундарна тема за медиумите во Србија, но „инвазијата на Русите“ се почесто е на насловните страници на весниците, пишува дописникот на ТАЦ од Белград Андреј Ивани: „Русите купуваат претпријатија. во Белград и Нови Сад“ – објавува еден наслов „Русите ги зголемуваат кириите“, пренесува друг, а трет информира дека „Речиси 7.000 руски фирми се регистрирани во Србија“.

Веројатно не би било претерување да се каже дека ДНК на Белград се менува под руско влијание. Сепак, српските медиуми објавија други наслови како: „Русите и Украинците заедно демонстрираат во Србија против војната“, „На руските мировни активисти не им се дозволува влез во Србија“.

Русите се новите соседи – тие се келнери, козметичари, нови сопственици на ресторани и нова конкуренција за српскиот ИТ сектор. Секаде каде што некој Русин отвора фризерски салон или ресторан, руските муштерии веднаш се собираат кај него. Српскиот и рускиот јазик се слични, но очигледно повеќето Руси претпочитаат да комуницираат со фризерот на нивниот мајчин јазик.

Зголемениот број руски имигранти прави многу Срби да се чувствуваат непријатно, а многумина од новодојдените Руси пак се жалат дека нивните сограѓани Срби ги гледаат како „кутија за пари“ од која мора да се исцеди и секој последен денар, пишува порталот „Блумберг Адриа“. 

Од гледна точка на Запад, мнозинството Руси во Србија се „добри Руси“ – противници на војната против Украина, критичари на Кремљ, демократски настроени луѓе, кои повеќе се наклонети кон западната култура отколку кон вредностите што ги пропагира Москва.

Белград не поддржува санкции против Москва

Србија сè уште одржува неверојатно пријателски односи со Русија и не воведе санкции против Москва.И  Владимир Путин е исклучително популарен меѓу Србите. Заедно со маичките со ликот на воените злосторници од војните во поранешна Југославија, кои некои Срби ги сметаат за херои, на пешачката зона „Књаз Михаил“ во Белград се продаваат и оние со ликот на рускиот претседател.

Фактот дека шефот на тајните служби Александар Вулин, еден од најблиските доверливи луѓе на претседателот Александар Вучиќ, неодамна беше санкциониран од САД, е показател за односите на Србија со Русија. Вашингтон тврди дека Вулин е вмешан во наводна меѓународна трговија со дрога и дека поддржува „малигни руски акции“ кои ја загрозуваат безбедноста и стабилноста на Западен Балкан. Затоа не многумина беа изненадени од фактот што во јули на рускиот активист и противник на Путин, Пјотр Никитин, му беше одбиен влез на аеродромот во Белград.

Се претпочитаат Руси кои ја држат устата затворена

Русинот има дозвола за престој, а неговото семејство живее во Србија. Од граничната полиција му рекле дека едноставно ја следат наредбата на Српската безбедносно-информативна агенција (БИА).

Случајот со Никитин, кој е основач на невладината организација „Руски демократски форум“ не е изолиран. Слични проблеми имале и други руски активисти против војната во Украина.

„Тие сакаат да не исплашат за да престанеме да зборуваме јавно. Очигледно, пораката до сите Руси кои живеат во Србија е дека им е дозволено да бидат тука, но само ако не се политички активни“, коментира Никитин.

Според српскиот устав, странците кои живеат во Србија ги имаат истите права како и Србите. Но, тоа очигледно важи само за одредени луѓе. Богатите Руси кои ја држат устата затворена може да сметаат дури и на српско државјанство. Од почетокот на годината 43 Руси веќе имаат српски пасоши, пишува Тагесцајтунг.

Сепак, ваквото однесување одамна предизвикува загриженост во Брисел. Европската комисија во неколку наврати изрази загриженост за практиката на Белград да дава државјанства на руски државјани по забрзана постапка, потсетува германскиот магазин „Фокус“. Причината е што тоа им овозможува безвизен влез во Шенген зоната. Портпаролот на Комисијата ја повика Србија да ја преиспита својата политика кон Москва и да престане да дава брзо државјанство. Изданието прецизира дека се уште не е јасно какви чекори ќе преземе ЕК доколку тоа не се случи, а една од опциитее да се укине безвизниот режим за Србија во ЕУ, нешто што од други причини му се заканува и на Косово.