Русите бегаат и порачуваат: Засрамени сме!

Бегањето на милиони Руси од земјата Путин го оцени како „природно и суштинско самочистење на општеството кое само ќе ја зајакне Русија“.


Ксенија можеше да ги види сигналите за војната. Имаше засилена пропаганда на државната телевизија, оклопни возила и тенкови се движеа од околината на Москва кон украинската граница и имаше застрашувачки извештаи во меѓународните медиуми кои таа внимателно ги следеше. Оваа 27-годишна девојка го предупреди своето семејство и момчето, кое се насмеа на нејзината загриженост. Како  активист и поддржувач на опозицијата, таа се приклучи на протестите на Мајдан во 2014 година во Киев. Имаше многу пријатели во Украина и се плашеше. Така, неколку недели пред Владмир Путин да ја започне својата инвазија, Ксенија ја напушти Русија, завршувајќи во Истанбул пред војната да започне.

„Војната скрши многу луѓе, не само Украинците“, изјави таа за „Индипендент“. „Заборавив која бев пред ова. Мојата работа, психологијата, е за да ги направам луѓето да се чувствуваат подобро. Но, сега сме во ситуација кога луѓето треба да чувствуваат срам и не сакам да им помогнам на Русите да се чувствуваат подобро“.

Десетици илјади Руси ја напуштија земјата по војната. Плаќаат високи цени за да се качат на неколкуте летови надвор од државата или минуваат преку копнените граници со поранешните советски републики,  како што се Ерменија, Грузија и Казахстан. Во турскиот туристички град Анталија, популарна источноевропска туристичка дестинација, цените на изнајмувањето се зголемија тројно бидејќи побогатите Руси и Украинци изнајмуваат и купуваат имоти.Почесто, прогонетите спијат на каучи во заеднички соби или престојуваат во евтини хотели. Повеќето се високо образовани, но пристигнуваат со малку пари и можеби уште помалку надеж, откако се откажаа од земјата која ги отфрли, па дури и премолчено ги охрабри да заминат.

„Секоја нација, особено руската, секогаш може да ги раздвои вистинските патриоти од  предавниците и да ги исплука како мува што случајно им влегла во устата“, рече Путин во говорот во средата. „Убеден сум дека таквото природно и суштинско самочистење на општеството само ќе ја зајакне нашата земја“, рече тој.

Прогонетите често се во шок, а во интервјуата, објавите на социјалните мрежи и разговорите на апликацијата за пораки Телеграм, тие  се чувствуваат стигматизирани поради постапките на нивната влада и нивната националност.

„Во моментов не ми се допаѓа да бидам Русинка, искрено“, вели Вероника, 30-годишна девојка родена во Санкт Петербург, која планира да лета за Истанбул во петок.

„Се чувствувам како да можам да ја прифатам сета омраза упатена кон мене поради мојот пасош. Се чувствувам засрамена. Ги плаќам нивните глупави даноци и на одредено ниво учествував во она што се случува“.

Вероника, активистка која учествуваше во повеќекратните улични протести низ годините, резервирала билет неколку недели порано и внимателно го планирала своето заминување. Други бегаат под принуда. 

Дима Варламов, дописник на Дожд ТВ, независна руска телевизиска станица, бил на работа на 1 март кога неговиот работодавец почнал да добива пораки на телефонот со предупредување дека полицијата ќе упадне во нивните канцеларии.Тие брзо побегнале на улица и стоејќи пред еден бар размислувалеза нивниот избор. Антон решил токму тогаш и таму да побегне од земјата.

„Ја добивме пораката“, вели 32-годишниот московски новинар.

Неговите банкарски сметки биле блокирани, но пријателите му купиле билет за Истанбул преку Интернет. Тој отшол дома и спакувал една торба.  Штотуку се вселил во нов стан и ги поставил шипките за завеси, но не успеал да ги закачи. За неколку часа тој бил на лет  за Истанбул, каде засега престојува во домот на друг новинар. Сè уште зашеметен и обидувајќи се да се приспособи, тој се сеќава на приказните за Русите кои избегале во Париз, Лондон и Истанбул по болшевичката револуција на Владимир Ленин од 1917 година. Тие Руси пред еден век си кажаа дека ќе бидат дома за неколку месеци, за да останат засекогаш во странство, а тој мораше да признае дека шансите  да се врати дома се мрачни. Неколку дена по неговото пристигнување, Путин донесе закон со кој изразувањето на антивоени ставови се казнува до 15 години затвор. 

„Ако Путин постигне брза победа, не можам да се вратам назад“, вели Варламов. „Ако Путин загуби, но остане на власт, пак не можам да се вратам назад“.

Тој размислува за војната во Украина и прашува дали тој и неговите сонародници Руси направиле доволно за да се запре, поставувајќи душегрижни прашања.

„Со оваа војна, Русија ја направи најголемата грешка на мојата генерација и јас не сакам да бидам одговорен за неа“, вели тој. „Се обидов да бидам добар новинар. Новинарот се обидува да направи добро за општеството, но не успеавме. Значи, можеби е време да започнеме живот на друго место – не во Русија“.

Повеќе од 5 милиони Руси веќе емигрирале од Русија на Путин за време на неговото 22-годишно владеење и многумина предвидуваат дека бранот ќе продолжи.

Антон, 33-годишен микробиолог од Москва, образован во Британија, барал исто така излез од земјата. Неодамна резервирал стан преку Airbnb во странство како предуслов за виза надвор од Русија и се почувствувал обврзан да им каже на домаќините на станот во приватна порака дека се противи на војната во Украина.

„Војната ни донесе ситуација која веќе не е надежна, нè доведе до ситуација во која е тешко да се надеваме на демократска иднина за Русија“, рече тој.„Во овој момент можеме да се потпреме само на надворешен настан кој може да ја сврти земјата и да ја спречи  да напредува кон автократија или тоталитарен режим. Русите ја заменија својата слобода со способност да имаат доволно храна следниот ден“.

Меѓу тие Руси во странство, некои се организираат политички. Протест се одржува секој викенд во областа Бејоглу во Истанбул. Мирон Јанович Фјодоров, или Oxxxymiron, еден од најпознатите руски рап ѕвезди, пристигна во Истанбул откако ги откажа концертите во Москва и Санкт Петербург во знак на протест против војната. Тој сега го одржа првиот од, како што рече, серијалот „Русите против војната“ кои се емитуваат во живо, а кои ги организира за да собере пари за украинските бегалци.

„Има десетици милиони Руси кои категорично не се согласуваат со оваа војна“, рече тој во видеото објавено на YouTube. „И мислам дека ова треба да се каже што е можно погласно“.

Во вторникот, во мал преполн клуб во истанбулската населба Кадикој, неколку стотици луѓе дојдоа да го видат Oxxxymiron и да соберат пари за раселените. За време на паузата на шоуто, тој зборуваше со публиката и ги повика да не ги прекинуваат врските со семејството и пријателите што се залагаат за војна.

„Луѓето кои се за оваа војна се всушност против оваа војна“, рече тој. „Тие само веруваат дека ова е навистина специјална операција за бомбардирање воени објекти. За жал, во оваа илузија веруваат нашите родители. Многу е важно да разговараме со нив бидејќи тие веројатно не се крволочни луѓе, но гледаат премногу телевизија“.

Надвор од местото на настанот, Русите поставија транспаренти за да протестираат против војната.

„Моите пријатели се во затвор и јас можам да бидам следната“, вели Ана, 26-годишна историчарка на уметност од Санкт Петербург, држејќи плакат на кој на руски пишува „Не за војна, не за тишина“. 

„Решив да одам во Турција наместо во руски затвор бидејќи тука можам да направам повеќе против војната“, вели таа. „Навистина сакам да си одам дома, но сега не е време. Се чувствувам виновна за постапките на мојата влада, но јас не сум мојата влада“, рече таа. (Индепендент)