Русија тврди: ЕУ планира „окупација“ на Молдавија

Руското Биро за надворешно разузнавање (SVR) објави дека Европската унија планира „окупација“ на Молдавија и распоредување на НАТО-трупи во регионот на Одеса за да го заплаши Придњестровјето, пренесува Tass.
„Целта е да се задржи Молдавија во рамките на русофобичната политика на Брисел, по секоја цена, вклучително и со распоредување на војски и де факто окупација на земјата. Во овој момент, војските на земјите-членки на НАТО се концентрираат во Романија, близу границата со Молдавија“, соопшти SVR.
Според руската разузнавачка агенција, десантни сили на НАТО се подготвуваат за распоредување во Одеската област, а прва група професионални војници од Франција и Британија веќе е на терен.
Од друга страна, претседателката на Молдавија, Маја Санду, се обрати до граѓаните предупредувајќи дека Русија се подготвува да ја дестабилизира земјата преку можна окупација на Одеса и нарушување на безбедноста во Придњестровјето. Повод беше апсењето на 74 лица осомничени за планирање на масовни немири, предупредувајќи дека земјата е сериозно загрозена од руско влијание.
„Нашиот суверенитет, независност и европска иднина се во опасност. Кремљ вложува стотици милиони евра за да купи гласови и да ја контролира ситуацијата на двете страни од реката Днестар и во странство“, рече Санду.
Таа нагласи дека платени лица ширеле страв и насилство, и апелираше до граѓаните да не дозволат странски интереси да го нарушат мирот и стабилноста во Молдавија.
„Наш национален интерес е мир, слобода, економски раст, борба против корупцијата и европска интеграција“, додаде таа.
Санду предупреди дека евентуална контрола на Русија врз Молдавија би довела до регионална нестабилност, ограничување на слободата на движење и можност за инфилтрација во регионот на Одеса, како и дестабилизација на Придњестровјето.
Претседателката истакна дека Кремљ не делува сам, туку со помош на локални соработници кои, според неа, „го продаваат својот народ за пари“.
„Нашиот дом не е на продажба. Вие сте бедемот кој го штити мирот и иднината на нашите деца“, порача Санду.
На крајот, таа ги повика граѓаните да се обединат и да ја зачуваат Молдавија мирна и стабилна, нагласувајќи дека нејзината задача за заштита на земјата не може да се реализира без активна поддршка од народот.