Русија се самоуништува до степен невиден во модерната историја


Бруталната агресија на Русија против Украина, нивниот словенски и православен сосед, е веројатно само симптом на поголема болест. Руската нација, центарот на огромната империја што ја опфаќа Евроазија, се самоуништува до степен невиден во модерната историја.

Кога се распадна Советскиот Сојуа  бев во  раните 30-ти и наивно очекував дека од нејзината пепел ќе се роди модерна руска држава, слична на западните сили како Франција, Обединетото кралство или Германија. 

Како некој што доаѓа од Бугарија, земја-сателит на поранешниот Советски Сојуз, ги знаев слабостите на советскиот систем што им ги наметнаа на земјите од тогашниот Варшавски пакт. Русите имаа тенкови и нуклеарни проектили, но беа целосно неспособни да произведат стока за широка потрошувачка, продавниците беа празни, а луѓето беа лути. Советскиот Сојуз ги поседуваше сите елементи од табелата Менделеев, но неговите граѓани беа сиромашни. СССР порано освојуваше многу олимписки медали, но поголемиот дел од населението страдаше од алкохолизам, а животниот век беше многу низок.

По распадот на советскиот систем, поранешните сателитски земји се интегрираа во ЕУ. Навистина верував дека со демократија и добро владеење, Русија брзо ќе стане просперитетна членка на европското семејство на нации, во тесна соработка со ЕУ. Но, Русија не стана демократија. Напротив, за време на Владимир Путин системот стана уште поцентрализиран отколку во СССР. Претходно, одлучувањето се вршеше во колективните органи како што се Политбирото и Централниот комитет на Советскиот Сојуз. Денеска Путин одлучува за се сам.

Откако Русија стана пазарна економија, продавниците се наполнија со западна стока, но руралното население остана осиромашено и не можеше да си ги дозволи. Русија не разви сопствена индустрија за стоки за широка потрошувачка, таа во голема мера остана она што беше за време на комунизмот – „ бензиска пумпа со нуклеарни проектили“. На Русија сè уште и е потребна западната технологија за да ги развие своите полиња со гас и нафта или да изгради морско цевководи.

Кога ЕУ стана свесна за ризикот од климатските промени за планетата и почна да развива чиста енергија, руските дипломати со кои разговарав даваа иронични забелешки за потенцијалот на „вентилаторите“, како што ги нарекуваа турбините на ветер, или на соларните батерии, да ги заменат руските јаглеводороди. На истиот начин, во 2014 година, шефот на „Роскосмос“ ја исмеваше НАСА, велејќи дека без Русија на САД ќе им треба  трамболина за да ги испратат своите астронаути на Меѓународната вселенска станица. Помалку од една деценија подоцна, ракетите на SpaceX прават руските ракети да изгледаат како диносауруси, а ЕУ се подготвува да се откаже од увозот на руски гас на краток рок.

Путин има за цел географски да го оживее СССР, но она што е помалку очигледно е дека тој исто така ја повторува неговата пропадната економија. Русија на Путин продолжи да се фокусира на нуклеарни проектили што не може да ги користи, наместо да го развива производството на стоки за широка потрошувачка, столбот на секоја модерна економија. Па дури и за изградба на проектили на Русија и требаат увезени или шверцувани полупроводници и други технологии.

Според некои извештаи Русија увезува машини за перење од Запад со цел да ги собере нивните чипови за производство на проектили. За разлика од Кина, која не само што произведува се што и е потребно на модерната економија, туку е дури и пред Западот во одредени технологии како 5G, Русија на Путин избра да не развива. За оваа самоубиствена политика може да одлучува само еден човек, а ние немаме сознанија за значајна политичка опозиција или алтернатива.

Она за што можеби сме свесни е ризикот што може да го носи самоубиството на Русија за остатокот од светот. Доктрината на Путин вели дека свет во кој ќе ја нема Русија не треба да постои. „Зошто би сакале свет без Русија? – славно рече тој.

Путин ја нападна Украина не затоа што таа имаше амбиција да влезе во НАТО, одбранбен сојуз. Тој го направи тоа затоа што Украина, толку слична на Русија до неодамна, се развиваше брзо и беше на пат да стане излог на сите можности што Русија ги пропушти.Така, Путин одлучи дека е подобро да ја запали оваа земја до темел, наместо да дозволи таква навреда и политички ризик за неговата моќ.

Го напишав овој текст на православниот Велигден, свет празник за време на кој нападите на Русија врз Украина не попуштија. Ако ова беше само за Путин, кој лицемерно присуствуваше на црковна служба во неделата на Велигден, немаше да го користам насловот „Руско самоубиство“. Она што е пошокантно е пасивниот став на Русите, вклучително и на огромното мнозинство од оние што живеат во странство, бидејќи видов како некои од нив уживаат на Запад недопрени од трагедијата што нивната сопствена земја и ја нанесе на Украина. Сведоци сме на еден цел народ, и покрај неговата богата култура и неоспорен придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна, како месечари во самоуништување и врши колективно самоубиство. Не само што е трагично да се види, туку е и голема опасност за целата планета. (Еурактив)