Русија сакала да го спречи и задуши Илинденското востание по секоја цена

Рускиот конзул Ростковски ги советувал селаните да не пристапуваат кон „бандите“ бидејќи „востанието нема да успее…“ Министер за надворешни работи Ламздорф го охрабрувал султанот да преземе најцврсти мерки против востаниците


По штурата честитка на руската амбасада за Илинден, во која не се ни спомна Илинденското востание, се наметнува прашањето: Што направи Русија ЗА Илинденското востание и за македонската борба за ослободување и за државност?

Нема многу да згрешиме ако кажеме – речиси ништо ЗА, а многу ПРОТИВ! Ако се оствареа плановите на Царска Русија, ќе беше спречена и краткотрајната Крушевска Република, како и Илинденското востание. И денешна Македонија одамна ќе беше дел или од Голема Грција, или од Голема Бугарија, или од Голема Србија.

Но, иако Русија нема пролеано ниту „капка крв“ за ослободувањето и за државноста на Македонија, руската пропаганда денес бесрамно манипулира дека илјадници Руси храбро загинале токму за ослободување на македонската земја.

 

Руската пропаганда за руското ослободување на „македонската земја“  Ден пред Илинден, на 1 август, рускиот амбасадор Баздникин во Прилеп  го повтори ланското тврдење дека 5 илјади руски војници и офицери „ја ослободија македонската земја“ и „храбро загинаа“: „Од 1916 до 1918 година на Солунскиот фронт 5 илјади руски војници и офицери кои ја ослободија македонската земја во составот на 2. и 4. Специјална бригада на Армијата на Источната Антанта, храбро загинаа“. Истиот ден на 1 август Руската амбасада објави дека не загинале 5 илјади руски војници, туку „четири илјади загинаа во битките на македонската земја.“ Баздникин, пред две години, пак, изјави дека „Повеќе од 4.200 војници и офицери на 2.а и 4. специјална бригада на руската империјална армија, исполнувајќи го својот сојузнички долг во состав на Источната армија на Антанта, ги положиле своите животи на македонско тло“.

Но, рускиот пропаганден сајт „Russia Beoynd“ во 2014 оперираше со многу поскромни бројки: „…на Солунскиот фронт во годините на Првата светска војна војувале најмалку неколку илјади руски војници и офицери… се знае дека на македонската земја се упокоени стотици руски војници“.

Зошто последниве години Русија ги злоупотребува руските војници од Првата светска војна кои биле ангажирани во состав на француската војска на „Македонскиот фронт“, и тоа за ослободување на Србија, а не на Македонија? Потоа, од кого Русите ја „ослободија македонската земја“ во Првата светска војна, ако се знае дека најголем дел од Илинденците и Македонците биле на нишан на нивното оружје? И, како тоа, откако Русите „ја ослободија македонската земја“, престанало да се зборува за денешнава Македонија („Јужна Србија“, па „Вардарска бановина“), а и за Македонците во неа?

Дали со ваквите историски провокации Русија се обидува да води „класична антибугарска пропаганда“, или пак во пресрет на Илинден се обидуваше да наметне друга историски контроверзна тема – за да не се поставуваат прашања за улогата на Русија за време на Илинденското востание и за време на Балканските војни?

 

Русија сакала да спречи востание од „бандите“ по секоја цена  Во Македонија одамна не е никаква тајна дека руската империја не ја поддржувала македонската револуционерна организација и македонската борба за ослободување. Многу македонски историчари имаат објаснувано зошто Русија воопшто не поддржувала револуција во Македонија, туку реформи. Иако руската пропаганда јавно се залагала за „интересите на многустрадалното македонско население“, услов за тоа било „прекинување на злосторничката дејност на бандите“. И рускиот конзул во Македонија Ростковски (пред трагично да загине по востанието) ги советувал селаните да не пристапуваат кон „бандите“ бидејќи „востанието нема да успее…“. Ростковски правел сѐ што е во негова моќ да го одврати востанието за да не ја вовлече Русија во „политичка авантура“.

И на руските историчари им е сосема јасна позицијата на Русија кон македонските револуционери. На пример, во една руска докторска дисертација детално се опишува специјалната турнеја на Балканот од име на императорот Николај II, на министерот за надворешни работи Владимир Ламздорф, кој имал задача да ја претстави руската позиција за македонското прашање во Србија и Бугарија во декември 1902. Кога Ламздорф бил примен од кралот на Србија бил прашан дали Русија има намера да ѝ даде автономија на Македонија, на што рускиот министер одговорил дека за македонска автономија е рано да се зборува, дека Русија сака да го зачува „статус-квото“ во Македонија, со подобрувања согласно најавениот план за реформи.

На средбата со Фердинанд, на Ламздорф му станало јасно дека Кнежеството Бугарија сака да ја искористи македонската криза за да се здобие со полна независност, а барањето за автономија на Македонија било сметано како прв чекор на патот кон инкорпорирање на Македонија во состав на Бугарија. Ламздорф јасно му кажал на Фердинанд дека нема да дозволи македонските револуционери да ја вовлечат Русија во вооружен конфликт на Балканот. Русија ги сметала за неприфатливи методите на борба „со помош на незаконските комитети и револуционерна агитација“ и укажала дека нема намера да жртвува свои поданици за заштита на македонски револуционери.

Ламздорф и пред Фердинанд бил експлицитен дека Русија нема намера да продолжи да лее крв за слободата на балканските народи. Ламздорф го предупредил дека поддршката на револуционерната агитација може да има тешки консеквенци, а потоа и ги поддржал одлучните мерки на Бугарија против револуционерните комитети. Во февруари 1903 Ламздорф дури и објавил текст во службениот весник, во кој пишувало дека им укажал на владејачките кругови во Србија и Бугарија, и усно и писмено, дека Русија нема да жртвува ниту една капка крв на своите синови – ниту најмал дел од имотот на рускиот народ – ако словенските држави решат со револуционерни и насилни средства да го променат постоечкиот систем на Балканскиот Полуостров, спротивно на разумниот совет што им бил даден однапред.

 

За востанието нема да бидат жртвувани ниту еден руски војник, ниту една руска рубља  Кога добиле информации за стремежите на македонските комитети да ја вовлечат Русија во нова војна на Балканот, Ламздорф и Николај II им испратиле јасни пораки на Белград и Софија дека во никој случај Русија нема да дозволи да биде вовлечена во воена интервенција како во Руско-турската војна од 1877-1878.

Токму затоа, Русија постојано инсистирала на реформи и давала до знаење дека нема воено да интервенира во случај на востание во Македонија. Ламздорф во декември 1902 во Бугарија се сретнал и со претставниците на разни македонски комитети предупредувајќи ги да престанат со натамошни агитации. И на средбата со претставниците на ТМОРО (на која Татарчев и Матов изнеле дел од македонските барања), Ламздорф укажал дека Русија нема да поддржи ниту една акција на внатрешната организација. Од спомените на Ѓорче Петров ни е јасно дека македонските револуционери знаеле дека Ламздорф доаѓа да го спречи востанието, а дека бугарската влада и бугарскиот кнез му служеле на Ламздорф.

По инструкции на рускиот император и неговиот министер Ламздорф, бугарската влада во почетокот на 1903 ги растура врховните комитети во Бугарија и заедно со врховистите го интернира и Ѓорче Петров.

По добиените информации дека се возобновува дејноста на македонските револуционерни комитети, Ламздорф на бугарскиот дипломат во Петроград му повторил дека 1877 и 1878 година нема да се повторат и дека „ниту еден руски војник, ниту една руска рубља не ќе бидат жртвувани“. Дури и во случај на кревање на востание, наредбата на Русија била да се преземат дејства за прекин на револуцијата, а Бугарија била предупредена за тешки последици и при најмал обид за помош на востаниците. Руската порака до бугарската влада била да продолжи да се спротивставува на револуционерните елементи, а за возврат рускиот цар немало да дозволи ниту еден турски војник да ја мине бугарската граница.

 

Русија: откажете се од комитетите и од водачите на востанието и предадете ги  Академик Владо Поповски, повикувајќи се на руски официјални извори, во една своја статија укажува дека „Во текот на самото Илинденско востание, во екот на турските безобѕирни рушења и уништувања на македонските села и на неборбеното население во нив, министерот за надворешни работи, грофот Ламздорф, ги повикал руските конзули на теренот да се обратат до постраданото и загрозено македонско население и да му ветат руска заштита доколку се откаже од комитетите и од водачите на востанието и доколку ги предаде на турските власти, инсистирајќи на тоа тие бргу, решително и ефикасно да го задушат востанието“.

И по востанието, според академик Поповски „соработката на руските дипломати со турските власти продолжила на планот на искоренувањето на Македонската револуционерна организација“, затоа што била контрапункт и контрафактор на руската идеја за поделба на Македонија меѓу трите балкански државички. Во таа насока било и претходното преименување на Македонија со името „трите вилаети“ и на Македонците со името „христијаните на трите вилаети“, зашто Русија немала план од Македонија да прави посебна политичка единица, сметајќи дека македонското население не било посебна нација.

Од страна на Русија, Турција имала одврзани раце да се справи со комитетите дури и откако по востанието бил трагично убиен рускиот конзул Ростковски. Дури ни кога била активирана поморската флота, за да се задоволат неколку руски барања, Русија испратила јасна порака дека нејзините барања не смее да бидат толкувани како поддршка на македонските револуционери. Според британски дипломати, Ламздорф дури си честитал себеси што успеал Русија да не се помрдне од своите позиции и покрај Солунските атентати, и покрај убиството на рускиот конзул, и покрај извештаите за убиства на христијани (за масакрите по Илинденското востание кое не успеал да го спречи).

Повеќето историчари укажуваат дека во 1903 Русија водeла политика на зачувување на територијалното статус-кво во Југоисточна Европа, со активна поддршка на султанот на Балканот, за да може рускиот цар да се фокусира на империјалистичката политика во Кореја и Манџурија. Рускиот план бил да се раширува на исток и да ги анектира Манџурија и Кореја, па затоа руската дипломатија се залагала за стабилност на Балканот. Оттаму, воопшто не е за чудење што рускиот министер за надворешни Ламздорф за време на Илинденското востание го охрабрувал султанот да преземе најцврсти мерки против востаниците, истовремено пропагирајќи реформи како лек за незадоволствата во Македонија.

 

Руската пропаганда и на Илинден и по Илинден  Кога ќе се земе предвид улогата на Царска Русија во спречувањето и задушувањето на Илинденското востание, станува појасно зошто околу Илинден Русија се обидува да отвори други теми во врска со Македонија.  Станува појасно зошто руските амбасадори и пропагандни канали речиси и не го споменуваат Илинденското востание, освен во контекст на традиционалната манифестација „Денови на Ростковски“, во чест на конзулот кој ги обесхрабруваше селаните да ги поддржуваат „бандите“.

Годинава на Илинден, додека руската амбасада објавуваше фотографии од царското семејство и дијаманти од московскиот Кремљ, портпаролката на руското МНР Захарова го обвини Скопје дека „учествува на пумпање оружје на Украина, со што придонесува за продолжувањето на криминална активност на режимот во Киев против цивилното население во Донбас“.

Захарова пропагандно нападна за да ја одбрани криминалната активност на режимот во Москва, кој по осудената од ОН руска воена инвазија, продолжува да го уништува цивилното население во повеќе области во Украина. МНР и МО реагираа дека уште од самиот почеток ја осудивме воената интервенција во Украина и донесовме неколку „одлуки за воено-техничка помош со кои и помагаме на Украина во одбрана на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција“.

Русија и Захарова продолжија со руската пропаганда и по Илинден, со напад на „антируските изјави на претседателот на Северна Македонија“, обвинувајќи ги властите за „антируската хистерија“ и учество во „информациски напад врз нашата земја“.

A Пендаровски во интервју за „Фокус“, објавено и на неговата официјална страница, го кажа само очигледното: „Сите државни институции знаат дека Русија се меша во нашите внатрешни работи. Последен пат со интензивно учество преку свои луѓе, свои политички субјекти, свои инсталации“. Пендаровски укажа и дека „руската пропаганда, руските лажни вести, не само за војната во Украина, постигна одредени успеси кај населението во Западниот Балкан, пред сѐ заради инертноста на ЕУ“.

Наместо да му кажат благодарам што ги потврди одредените успеси на руската пропаганда, од Кремљ го нападнаа Пендаровски како ширач на „антируска хистерија“.

Да потсетиме, неполна седмица пред руската инвазија на Украина, Лавров обвинуваше дека „западните медиуми и политичари продолжуваат постојано да ја ескалираат темата за руската ‘инвазија’ на Украина, и покрај тоа што се повеќе луѓе не им веруваат на нивните изјави. Тоа веќе стана шега“.

Лавров тогаш тврдеше дека „сето тоа е пропаганда, фалсификат и измислици“, ама за една седмица „ѓаволот ја однесе шегата“ и се покажа дека биле во право западните медиуми и политичари кои предупредуваа за руската инвазија на Украина.

Во право е и Пендаровски дека Русија се меша во нашите внатрешни работи и со политичка пропаганда. Останува неодговорено само прашањето какви мерки преземаат државните инстутиции во Македонија за спречување на штетно влијание на руската пропаганда со дезинформации.

(Жарко Трајаноски е истражувач во Институтот за медиуми и аналитика ИМА)