Русија сака да одземе странски авиони вредни 10 милијарди долари
Новиот закон ќе дозволи странски авиони да бидат регистрирани во Русија „за да се обезбеди непречено функционирање на цивилната авијација“
Русија вчера усвои закон со кој практично оневозможува глобалните компании за лизинг на авиони да ги вратат своите авиони од Русија, пишува Би-Би-Си. Новиот закон ќе овозможи странски авиони да бидат регистрирани во Русија „за да се обезбеди непречено функционирање на цивилната авијација“.
Од околу 980 цивилни авиони за кои се верува дека постојат во Русија, 777 се под долгорочен лизинг. Од тие 777, 515 се под закуп од странски фирми. Би-Би-Си пишува дека тие 515 авиони вредат околу 10 милијарди долари.
Проблемот за руските авиокомпании лежи во фактот што Ирска и Бермуди, каде што се регистрирани огромното мнозинство странски изнајмени авиони, веќе објавија дека ги повлекуваат сертификатите со кои се дава одобрение за летање на тие авиони.
Новиот закон, потпишан од Путин, го „заобиколува“ овој проблем за руските авиокомпании за да можат да ги регистрираат тие авиони во Русија – се разбира, само за летови на огромните руски територии.
Од друга страна, западните лизинг компании, како што е најголемиот светски изнајмувач на авиони во Ирска, AerCap, ги раскинаа договорите со руските авиокомпании веднаш штом беа воведени санкциите од Западот, но проблем за нив е што огромното мнозинство од овие авиони сѐ уште се во Русија. Бидејќи повеќето западни земји им забранија на руските авиокомпании да летаат во нивниот воздушен простор, повеќето од овие авиони дури и не ги напуштаат границите на Русија.
Тео Легет, новинар на Би-Би-Си кој известува за бизнис секторот, објаснува дека е малку веројатно дека лизинг компаниите ќе успеат во намерата да ги вратат своите авиони од Русија. Ако Русија навистина ги задржи, тие сепак ќе можат да летаат, барем во Русија и во неколку постсоветски земји.
Но, како што објаснува Легет, едно е да се крадат авиони, а друго е да се одржуваат во состојба која е безбедна за редовни летови подолги временски периоди. Имено, двата најголеми производители на цивилни авиони во светот – „Боинг“ и „Ербас“ – не можат да доставуваат резервни делови на руски компании, што значи дека поправките ќе се вршат или со канибализирање делови од други авиони, или од други компании (за што е под знак прашалник дали има соодветно знаење за такви интервенции)
Ваквиот потег има сериозни последици за безбедноста на самите авиони, објаснува Легет, додавајќи дека ќе биде практично невозможно да се обезбедат овие авиони надвор од Русија. Проблем е одржувањето на самите авиони, што најчесто се прави во други земји.
„Кога ќе заврши целата криза, Русија ќе плати огромна цена. Ако авионите не се одржуваат правилно, нивната вредност ќе потоне. Дури и нивните сопственици (лизинг компаниите) да ги вратат, тие ќе бараат компензација од руски компании или од самата Русија. Ако Москва некогаш сака да се врати на нормалните меѓународни односи со другите земји, условите за враќање би можеле да бидат крајно строги.