Русија имаше рекордни загуби во 2024 во Украина
Би-Би-Си евидентираше 45.000 убиени руски војници. Реалната бројка е барем за 50 отсто поголема

Минатата година беше најсмртоносна за руските сили од почетокот на целосната војна во Украина: најмалку 45.287 луѓе беа убиени, јавува Би-Би-Си.
Ова е речиси три пати повеќе отколку во првата година од инвазијата и значително ги надминува загубите од 2023 година, кога се одвиваше најдолгата и најсмртоносна битка во војната во Бахмут.
На почетокот на војната, загубите се случуваа во бранови за време на битките за клучни локации, но во 2024 година се забележува месечно зголемување на бројот на жртви, бидејќи линијата на фронтот полека се приближуваше напред, поради што се проценува дека Русија изгубила најмалку 27 животи за секој квадратен километар од освоената украинска територија.
Руската служба на Би-Би-Си, во соработка со независниот медиум „Медиазона“ и тим волонтери, обработи податоци од отворен извор од руски гробишта, воени споменици и некролози.
Досега се идентификувани имињата на 106.745 руски војници убиени за време на целосната инвазија на Украина.
Вистинскиот број е очигледно многу поголем. Воените експерти проценуваат дека проценката на Би-Би-Си може да опфати помеѓу 45% и 65% од смртните случаи, што би значело од 164.223 до 237.211 луѓе.
Во февруари 2024 година, руските трупи претрпеа најсериозни загуби, при што помеѓу 700 и 900 луѓе загинаа во рок од една недела. Најсмртоносниот беше на 20 февруари, кога украински ракети погодија воен полигон за обука во близина на окупираниот Донецк, при што загинаа најмалку 201 војник.
Загубите се зголемуваат, како и регрутирањето војници.
Според Би-Би-Си, во текот на првите две години од војната, руските загуби следеле брановиден модел: тешки борби со големи жртви се менувале со помирни периоди. Во 2023 година, повеќето од жртвите се случиле помеѓу јануари и март, кога руските сили се обидоа да ги освојат градовите Вугледар и Бахмут во Донецката област.
Загубите се најмали во 2022 година, кога Русија губи околу 18 илјади војници. Следната година, бројот се зголемува на 37.633.