Руралните жени се уште на маргините – се соочуваат со социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација

Потребна е поголема достапност на образовни, јавни и социјални услуги во руралните средини, како и креирање и промовирање мерки за зголемување на можностите за вработување на жените од руралните средини, креирање мерки за признавање на неплатениот труд на жените за грижа на семејството, и наоѓање решенија за жените од руралните средини кои немаат остварено право на пензија. Ова е пораката на Националната федерација на фармери (НФФ) и Мрежата за рурален развој (МРЗ) по повод Меѓународниот ден на руралната жена, 15 октомври.

Според НФФ и МРЗ, жените од руралните средини се соочуват со голем број предизвици: социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита и други јавни и социјални услуги.

-Ваквите услови ги принудуваат руралните жени на живот во поголема сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата. Околу 64 отсто од руралните жени не се активни на пазарот на трудот заради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47 проценти од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми. Во однос на наследувањето имот, доминантната традиција во руралните средини им дозволува само на мажите да се појават како наследници. Само пет отсто од жените ретко се појавуваат како носители на имот и земјоделско земјиште, и тоа најчесто откако ќе станат вдовици. Најголем дел од нив не ги перципираат овие практики и традиции како дискриминирачки. Напротив, ги прифаќаат како нормални и ги почитуваат без приговор, наведуваат Националната федерација на фармери и Мрежата за рурален развој.

Потребно е, истакнуваат, активно залагање од страна на сите чинители за воведување соодветни мерки за ублажување на товарот за грижа и за подобро негово прераспределување меѓу жените и мажите, за достапност до услуги на жените во руралните средини и за поддршка на продуктивната и неплатена домашна работа.

Подвлекувајќи дека жените имаат клучна улога во обезбедувањето одржливост на руралните домаќинства и заедници, како и во подобрувањето на целокупната благосостојба, Националната федерација на фармери и Мрежата за рурален развој потсетуваат на заложбите од Декларацијата за подобрување на економската и социјална положба на жените од руралните средини, потпишата на 15 октомври 2018 година со министерствата за земјоделство и за труд и социјална политика.

-Подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, законите и стратегиите од областа на родовата еднаквост, недискриминација, земјоделство, рурален и социјален развој, креирање и промовирање мерки за зголемување на можностите за вработување на жените од руралните средини; креирање мерки за признавање на неплатениот труд на жените за грижа на семејството, и наоѓање решенија за жените од руралните средини кои немаат остварено право на пензија, подобрување на достапноста на јавните услуги во согласност со остварување на Целите за одржлив развој и Агендата 2030, поттикнување поголемо учество на жените од руралните средини во процесот на одлучување и креирање политики на локално и националнo ниво, како и заемна соработка за активно промовирање позитивни примери за родова еднаквост (посебно во делот на рушење на традиционалните норми и стереотипи; еднаков пристап на жените и мажите за сопственост на земјоделско земјиште и имот), како и воспоставување на механизми за едукација и информираност на жените од руралните средини за зајакнување на нивниот економски и социјален развој, се клучните заложби од Декларацијата.

Петнаесетти октомври е прогласен за Меѓународен ден на жената од руралната средина во 2008 година од страна на Обеднитетите нации.