Руди Џулијани прогласен за виновен
Њујорк– Поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани, беше прогласен за виновен пред Окружниот суд на Менхетен за непочитување на судот во случајот што го покренаа двајца изборни работници во американската држава Џорџија, Руби Фримен и нејзината ќерка Вандреа Мос.
Џулијани, кој е и поранешен адвокат на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, лажно ги обвини Фримен и Мос дека се обиделе да украдат гласови на претседателските избори во 2020 година на кои победи американскиот претседател Џозеф Бајден во заминување, објави Ројтерс.
Обвинението беше покренато откако Џулијани тврдеше дека Фримен и Мос криеле кутии со неправилни гласачки ливчиња.
Поради тие изјави го тужеа Џулијани за клевета.
Во 2023 година, Џулијани призна дека ги клеветил, а судот го прогласи за одговорен за клевета.
Подоцна беше издадена пресуда со која се наложува Џулијани да плати приближно 73 милиони долари отштета на Фримен и Мос, како и уште 75 милиони долари за казнена отштета.
Џулијани беше повикан да даде информации кои ќе помогнат да се исполнат неговите финансиски обврски според пресудата, но одби да соработува и не ги даде потребните информации за неговиот имот.
Ова доведе до негово осудување за непочитување на судот.
Адвокатот на Џулијани тврдеше дека неговиот клиент се обидува да ги исполни судските наредби, но дека роковите биле многу кратки.
Сепак, судот утврди дека Џулијани не соработувал доволно и затоа го прогласи за виновен за непочитување на судот.