Рубљата падна на најниско ниво спрема еврото и доларот во последниве 16 месеци


 

Курсот на еврото на аукциите на Московската берза надмина 104 рубљи. Ова се случи за прв пат од 28 март 2022 година.

Курсот на доларот исто така се искачи на 95 рубљи за прв пат од пролетта 2022 година.

Курсот на руската рубља продолжува да опаѓа неколку недели. На 6 јули, еврото за прв пат од март 2022 година се искачи над психолошката граница од 100 рубљи. На 17 јули курсот на еврото надмина 102 рубљи, а на 2 август над 103 рубљи.

Падот се забрза откако Министерството за финансии во четвртокот соопшти дека почнува да купува, наместо да продава, девизи овој месец според фискалното правило според кое интервенциите на девизниот пазар мора да ги покријат дефицитите во извозот на нафта и приходите од гас. Приходите оваа година се намалија поради санкциите на Западот.

„Ведомости“ ги цитираше аналитичарите кои велат дека слабеењето на девизниот курс ќе му овозможи на Министерството за финансии да го исполни планот за приходи на трезорот дури и со опаѓање на приходите од извоз на фосилни горива.

„Комерсант“ цитира други, според кои стапката на доларот може да достигне 100 рубли за долар.

За ова не се фактор само интервенциите на надлежните. За прв пат по три години тековната сметка е во дефицит од минатиот месец, а тоа говори за послаби показатели за рускиот извоз. Како резултат на тоа, помалку валута се влева во земјата, а со тоа расте и притисокот врз рубљата.

„Сликата е жална“, вели инвестицискиот банкар, професорот Евгениј Коган. Економијата губи приходи од извоз, растат трошоците за увоз, а во банкарскиот систем има сѐ помалку валута: нејзините резерви на сметките на клиентите се намалени за рекордни 61 милијарда долари од јануари 2022 година. Ова укажува на „деградација на девизните ресурси, “ забележува Егор Сусин, управен директор на GPB Private Banking.