Роверот на НАСА првпат се движеше по површината на Марс
Роверот на НАСА „Упорност“ (Perseverance) за првпат се движеше по површината на Марс. Како што може да се види на објавените фотографии од НАСА, роботот со тежина од еден тон мина кратко растојание и се сврте во круг.
Планот на американската агенција е „Упорност“ во период од две години да мине растојание од 15 километри.
Клучната цел на мисијата на „Упорност“ на Марс е астробиолошко истражување што вклучува потрага по знаци на древен живот на микроби. Роверот ќе ја анализира геологијата на планетите и климата во минатото и ќе го отвори патот за истражувањата на Црвената планета од страна на човекот и ќе биде првата мисија за собирање и складирање примероци од карпи и реголит на Марс.
A quick test of my steering, and things are looking good as I get ready to roll. My team and I are keen to get moving. One step at a time. pic.twitter.com/XSYfT158AQ
— NASA's Perseverance Mars Rover (@NASAPersevere) March 5, 2021
„Упорност“ атерира во неистражена област на планетата – кратерот „Езеро“, именуван по едно село во БиХ. Некои долини што водат до овој кратер се именувани по реките Сава, Неретва, Плива и Уна.
Креатерот „Езеро“ е едно од најдобрите места за барање древен живот бидејќи пред околу 3,9 милијарди години веројатно бил исполнет со вода. Претходните анализи покажаа дека наслагите во кратерот се богати со минерали што се формираат во присуство на вода, што, пак, значи дека таму некогаш можеби постоел живот. Фосилите вообичаено се наоѓаат во слични седименти на Земјата.
Следните мисии, што во моментов ги разгледува НАСА, во соработка со Европската вселенска агенција (ЕСА), треба да испратат вселенско летало на Марс за да ги вратат собраните примероци на „Упорност“ на Земјата за натамошна детална анализа.