Романските служби разбија проруска мрежа за излегување на државата од НАТО


Шест лица во Романија се уапсени за предавство и учество во организацијата „Влад Шепеш“. Истрагата ја спроведе Дирекцијата за истрага на организиран криминал и тероризам , објавија романските медиуми.

Уапсените биле во контакт со странски агенти и преговарале, вклучително и во Москва, за повлекување на Романија од НАТО. Се подготвувал заговор против уставниот поредок, распуштање на партиите, создавање нова влада, смена на вработени од државните институции, донесување нов устав, промена на името, знамето и химната на државата.

Групата е организирана како воена структура поврзана со генерал-мајор Раду Теодору, поддржувач на неодамна уапсениот претседателски кандидат Калин Георгеску. Доказите во случајот откриваат дека заклучно со 2023 година пет од лицата, заедно со уште едно лице под истрага, ја создале организираната криминална група „Влад Шепеш“ со цел да го поткопаат суверенитетот и независноста на романската држава преку политичко поткопување на одбранбените способности на земјата.

Сите членови „спроведуваа континуирани, свесни, јавни или конспиративни дејствија за постигнување на зацртаната цел“.

Исто така, членовите на криминалната група постојано контактирале со агенти на странска сила лоцирана и на територијата на Романија и на Руската Федерација. Организираната криминална група би се развивала во форма на структура од воен тип, со раководни ешалони (штабови) и извршен персонал.

Членовите на организираната криминална група регрутирале следбеници и објавувале видео материјали (известувања упатени до романските државни органи, национални и меѓународни организации) преку онлајн платформи.Во средата, на 5 март, беа извршени 8 налози за претрес на домови во Букурешт.